Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, кој е лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, на Фејсбук се пофали со победата на Александар Вучиќ на избирачките места во Македонија.
Според објавата на Стоиљковиќ, на гласачкото место во Куманово листата Обединета Србија освоила 487 гласови, додека за Студентската листа гласале 35 избирачи. Во Скопје, Обединета Србија добила 507 гласови, наспроти 150 за листата Студентите победуваат, со што вкупниот резултат од гласањето во двете места е 994 наспроти 185 гласови во корист на коалицијата на Вучиќ.
Премиерот Христијан Мицкоски досега се нема огласено по повод изборите во Србија, додека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски утринава упати честитка до победниците.
Прв на студентите синоќа им честиташе црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, а потоа следуваа честитки од европските лидери.
На вчерашните вонредни парламентарни избори во Србија победи Студентската листа. Коалицијата Обединета Србија на доскорешниот претседател Александар Вучиќ заврши на второто место и по 14 години поминати на власт заминува во опозиција.
Според очекувањата, Студентската листа во новиот парламентарен состав ќе има 140 пратеници, а блокот предводен од Вучиќ ќе располага со 103 мандати. Во српското Собрание влегуваат уште само четири изборни листи на малцинствата.



