На 22.10.2018, за истрагата за Поштенска банка се допишуваат осомничениот Томе Главчев и обвинетиот во “Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13. Главчев му пишува дека платил. Во неговото сведочење на „Рекет“, Главчев кажа дека на Боки му дал пари за реклама и оти Боки бил ачик момче кое се разбирало од мода и му давал совети за моделот на кошулите.
Во комуникација на Лила Филиповска и Боки, презентирана денеска „Рекет“, таа му кажува дека во ресторанот „Уранија“ влегле Орце Камчев и Наташа Савова.
„Стока!“, ѝ одговара Боки.
Потоа во насока на докажување дека Јовановски зел рекет од осомничениот во „Империја“ Орце Камчев и оти ги трошел за луксуз тие пари, обвинителството покажа докази за набавка на рачен часовник „ролекс“ за себе.
Лице по име Петар на српски јазик во јануари 2019 година му праќа фотографии од часовник „ролекс“.
На 27.12.2018 го прашува дали нешто да изгравира, Боки му пишува да му ги изгравира на „ролексот“ иницијалите со ракописни букви.
Во март, Петар му праќа сума од 60.000 евра и фотографии од пари во евра. Му бара пасоши за поврат на данок, Боки му го праќа својот и на лице Кристина Карајованова.
Потоа обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчева од ОЈО за организиран криминал продолжија со докази од комуникација меѓу Зоран Милевски-Кичевскиот со Бојан Јовановски.
Уште во декември 2018 зборуваат за Орце Камчев, главниот осомничен во „Империја“, подоцна и за Сашо Мијалков.
„Сашо за еден час ќе излезе од Шутка“, пишал Милевски, а Боки му одговорил: „Не“.
Потоа следуваа пораки со вработени во маркетинг службата на „1ТВ“ за жетва на пари за реклами, се споменува „Пелистерка“ на Цветан Панделески, па од „Ноел“ на Томе Главчев, од „Супертрејд“ и други.
„Од другите уште нема“, пишува вработената.
Презентацијата на материјалните докази за случајот „Рекет“ во Основниот суд Скопје 1 продолжува.
С. К. ДЕЛЕВСКА