Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг синоќа имаше неофицијална вечера со дел од неговите денешни официјални домаќини во ресторан на периферијата на Скопје, откако на Скопскиот аеродром го пречека министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.
Премиерот Зоран Заев на својот твитер профил објави групна фотографија на која покрај него, Столтенберг и Радмила Шеќеринска, се и вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО.
Под сликата Заев напиша: „Реформските заложби на оваа Влада ја отсликуваат јасната ориентација на нашата земја за членство во НАТО И ЕУ“.
Во текот на денот државната агенција МИА објави интервју со Столтенберг во кое тој рече дека „НАТО ќе ја покани Македонија да се приклучи како негова земја членка, откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за спорот за името во рамките на ОН“.
Вечерата беше речиси во исто време кога од Њујорк стаса изјавата на медијаторот Метју Нимиц дека на преговарачите на Грција и Македонија им дал нов сет предлози, а веднаш потоа македонскиот преговарач Васко Наумовски за ТВ Сител изјави дека предлозите се далеку од достоинствени.
Столтенберг денеска ќе се обрати во Собранието на Македонија. Најавено е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја бојкотира денешната седница.
Средбата со премиерот Заев е закажана за 15 часот со официјална церемонија на платото пред Владата, рапорт на командантот на почесната воена гардиска единица, поздрав на знамето на Република Македонија и обиколка на почесната воена гардиска единица.