Стопанската комора бара од Македонска берза да се одложи до 2023 година спроведувањето на новите правила за котација и кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва. Потпишани на барањето на Стопанската комора се 20 од најголемите компании во Македонија.
Стопанската комора бара новите правила и кодексот да почна да се применуваат од напролет 2023 година, а тоа да се вгради соодветна изјава во годишните изјави за работа за 2022 година. Измените и дополнувањата на правилата за котација и кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на „Македонската берза АД Скопје“ стапија на сила на 26 октомври 2021 година.
Компаниите-членки на Стопанската комора на 3 ноември годинава доставија иницијатива за одложување до „Македонска берза АД Скопје“, притоа подвлекувајќи дека кодексот е донесен без претходни консултации со бизнис-заедницата. Бидејќи од Берзата тврдат дека се направени консултации, сега 20 големи компании со своите потписи потврдуваат дека консултации не се извршени и уште еднаш бараат одложување на правилата и кодексот.
„Членките на Стопанската комора, што се дел од оваа иницијатива, укажуваат дека условите за работа се исклучително тешки. Покрај здравствената криза што трае речиси две години, тие се соочени и со економска и со енергетска криза. Сите овие процеси наметнуваат превземање чекори со цел да се одржи деловната активност, зголемување на конкурентноста и продуктивноста, како и настапот на странски пазари. Имајќи го тоа предвид, Стопанската комора бара од ‘Македонска берза’ да излезе во пресрет, да покаже разбирање и да ја прифати оваа иницијатива“, велат од Стопанска комора.