Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против пет лица за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, а меѓу обвинетите е и струшкиот правобранител Астрит Селими.
Се работи за тепачка меѓу две деца од 16 години, едното внук од брат на Селими. Внукот не е повреден, туку другото дете.
Настанот се случил на 17.08.2023 година, кај луна-парк на улицата „Партизанска”, каде најпрво двете деца почнале меѓусебна расправија и тепачка.
Се вклучиле родители на двете деца и други роднини од двете страни, а физичката пресметка кулминирала така што едно од децата се здобило и со тешки телесни повреди од удари со тупаници – скршеници на вилица, контузии на главата и телото, подливи и посекотини.
„Еден од обвинетите во моментов извршува функција државен правобранител за подрачјето на Струга“, кажа денеска Обвинителството.
Бидејќи се работи за обвинителен предлог, а не обвинителен акт, судењето треба да почне и да се одвива во брзи рокови.
С. К. ДЕЛЕВСКА