СТУДЕНТИТЕ НА УКИМ ОДРЖАА ЗАЕДНИЧКИ ЧАС ЗА 59-ТЕ ЗАГИНАТИ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА, ГОВОРЕШЕ РЕКТОРКАТА, А МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА РЕЦИТИРАШЕ

    СТУДЕНТИТЕ НА УКИМ ОДРЖАА ЗАЕДНИЧКИ ЧАС ЗА 59-ТЕ ЗАГИНАТИ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА, ГОВОРЕШЕ РЕКТОРКАТА, А МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА РЕЦИТИРАШЕСобирот беше прекинат бидејќи на една студентка ѝ се слоши и беше повикана Брза помош. Фото: (К. Попов)

    Стотици студенти денеска се собраа на платото на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје каде одржаа заеднички час за да оддадат почит на 59-те лица кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

    Собирот беше организиран од студентската организација на Скопскиот универзитет. Настанот закажан за точно напладне беше одложен половина час поради силен дожд, а потоа почна со седумминутен молк на големиот број присутни студенти со кој беше исполнет кампусот на УКИМ.

    На собирот дојдоа министерката за образование и наука Весна Јаневска, која ја изрецитира песната „Во тишина“ од Ацо Шопов, со стиховите: „Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече“, и ректорката на УКИМ Биљана Ангелова, кои единствено говореа пред студентите. Не се се обрати ниеден студент.

    Собирот беше прекинат бидејќи на една студентка ѝ се слоши и беше повикана Брза помош.

    Неколку часа подоцна, по јавните критики за обраќањата на ректорката и министерката и за молкот на студентите, Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ објави јавно извинување до сите членови на академската заедница во врска со говорите на ректорката Биљана Ангелова, и министерката за образование Јаневска на денешниот собир.

    Во објавата на официјалниот фејсбук профил од УСС велат дека ги прифаќаат критиките во врска со настанот и додаваат дека на наредните собири кои се предвидени до 21 март ќе нема никакви обраќања.

    „Ова е прва наша организација од овој тип и се молиме дека ќе биде последна. Ги прифаќаме сите критики за овој и секој нареден настан, а и ние самите ги увидовме. На наредните собири нема да има никакви обраќања“, велат од УСС УКИМ.

    Собири за оддавање почит на загинатите во Кочани на кои граѓаните носат цвеќе, палат свеќи има и во Битола и Тетово.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира