Студентските и ученичките домови должат пет милиони евра, а на денешната средба меѓу министерката за образование и наука Рената Дескоска, директорот на Државниот студентски дом Дарио Николовски и претставници од студентските и ученичките домови, бил разгледан планот како да се намалат и санираат овие долгови.
„Фокусот на средбата беше на финансирање на студентските и ученичките домови и на можните решенија за решавање на проблемите“, велат од МОН.
Дескоска ги задолжи раководствата на студентските и ученичките домови да направат анализа и точно да ги лоцираат проблемите со кои се соочуваат, за да може да се преземат мерки за нивно решавање.
„Оваа анализа треба да содржи и предлози за подобрување и подигнување на квалитетот на живот на студентите и на учениците. На средбата се разговараше и за подобрување на исхраната и условите во студентските домовите, како и за претстојните измени и дополнувања на Законот за студентскиот стандард и Законот за ученичкиот стандард. Со овие измени треба да се подобри квалитетот на живот на студентите и учениците, исхраната, школарината и стипендиите“, велат од МОН.