СУДЕЊЕТО НА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ ЗА ЛАЖНИТЕ ПАСОШИ ОДЛОЖЕНО ОТИ НЕМАЛО ПРЕВЕДУВАЧ ВО СОЛУНСКИОТ СУД

    СУДЕЊЕТО НА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ ЗА ЛАЖНИТЕ ПАСОШИ ОДЛОЖЕНО ОТИ НЕМАЛО ПРЕВЕДУВАЧ ВО СОЛУНСКИОТ СУДГрујевски и Бошкоски вчера беа изнесени пред грчки јавен обвинител пред кого изјавиле дека не сакаат да бидат екстрадирани во Македонија. (Фото: Ројтерс)

    На Горан Грујевски и Никола Бошкоски денеска требаше да им се суди за фалсификуваните бугарски пасоши, но рочиште не се одржало, бидејќи во Кривичниот суд во Солун немало преведувач на македонски јазик, објавија грчките медиуми. Судењето е презакажано за 24 октомври. За нивната екстрадиција дополнително ќе решава Апелацискиот суд, исто така, во Солун.

    Двајцата вчера беа изнесени пред грчки јавен обвинител пред кого изјавиле дека не сакаат да бидат екстрадирани во Македонија, бидејќи се плашеле за своите животи и тврделе дека се жртви на политички прогон, пренесуваат грчките медиуми. Според нивните тврдења, биле загрозени од високи функционери во Министерството за внатрешни работи.

    Грујевски, кој беше началник на Петтата управа на МВР и нeговиот подреден Бошкоски, во средата беа уапсени на Солунскиот аеродром со лажни бугарски пасоши и притоа грчките власти откриле дека двајцата се барани со меѓународни потерници.

    Двајцата се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет. Во бегство беа од 26 јули, кога требаше да бидат спроведени во притвор, но полицијата не ги најде дома.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира