Судскиот процес против обвинетиот експремиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за нарачаните насилства во Општината Центар и за нарачување на шамари за градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, продолжува в среда. Процесот го води судијката Татјана Михајлова, в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1.
На минатото рочиште, застапникот на обвинението, обвинителката Фатиме Фетаи од Специјалното обвинителство, предложи докази од бомбите и сослушување на сведок со статус „загрозен“, но Михајлова ги одби предлозите.
На трети февруари годинава СЈО поднесе жалба до Апелациониот суд на решението на Основниот суд Скопје 1 за издвојување на дел од доказите предложени од СЈО на судењето за насилството во Општина Центар. Според СЈО, жалбата беше поднесена поради суштествена повреда на одредбите од Законот за кривична постапка.
На судењето на 16 декември, судијката Татјана Михајлова ги одби како доказ „бомбите“ со образложение дека биле набавени на нелегален начин, со кршење, како што рече, на човековите права и слободи и на меѓународните конвенции. Таа, исто така, го одби предлогот на СЈО, претставувано од обвинителката Фатиме Фетаи, во доказната постапка да биде сослушан сведок со статус загрозен, чиј идентитет би го знаеле само Михајлова и Фетаи.
Поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешната советничка во Центар и пратеничка Даниела Рангелова се обвинети како нарачатели на насилствата во Општина Центар во јули, 2013 година. Уште две лица се товарат како нарачатели, а деветмина други како извршители.
СЈО против сите овие лица поднесе обвинителен предлог на 15 септември.