Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, денеска повторно ќе седнат на обвинителна клупа во случајот „Пуч“, а како сведок треба да се појави поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Кривичниот суд на 16 септември го одложи рочиштето за случајот „Пуч“ поради, како што соопштија од судот, отсуство на еден поротник и го презакажа за денеска.
По одложувањето, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева реагираше на тоа што судот не го повикал единствениот сведок во случајот, Никола Груевски, што за неа е неприфатливо.
Потоа, за време на расправата на собраниската Комисија за политички систем за извештајот на СЈО, специјалната обвинителка рече дека се надева дека нејзиниот единствен сведок за случајот со незаконското прислушување „Пуч“ Никола Груевски ќе се појави во судницата
„Спремна сум да дадам воведно излагање. Се надевам ќе дојде и единствениот мој сведок Никола Груевски“, кажа Јанева на пред собраниската комисија.
Покрај Заев и Верушевски, кој е првообвинет, во случајот „Пуч“ обвинети се и неговата сопруга, Соња Верушевска, и Бранко Палифров, службеник во Општина Струмица.
Четворицата обвинети во „Пуч“ се товарат за шпионажа, насилство врз преставници на највисоките државни органи, неовластено прислушување и за тонско снимање.