Премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го извештајот на Европската комисија за правосудството рече дека на судиите и обвинителите нема да им се зголемат платите, иако тоа се бара во извештајот. Мицкоски рече дека тие не го заслужуваат тоа и дека ќе продолжи јавно да ги критикува.
„Мене ми е тоа работа, јавно да ги повикувам судиите и обвинителите да испорачуваат правда и ќе продолжам во таа насока да коментирам, колку сакаат извештаи нека се објавуваат. Граѓаните самите констатираат дека немаме испорака на задоволително ниво од страна на правосудниот систем. Пари повеќе нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5 проценти од буџетот. Нема да добијат, затоа што не заслужиле“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посета на Општина Дебарца.
Според Мицкоски, извештајот на Европската комисија не е одличен, но е најдобар досега.
„Има многу пофалби, има многу констатирани проекти и политики што испорачуваат, но има и критика. Во однос на критиките, констатиран е пристисок од страна на политичари врз судството. Второ, се вели дека требало повеќе пари за обвинителите и судиите и трето е критика за нивната работа. Независноста на правосудството не се обезбедува со пари, туку со работа. Контрадикторни се тие два заклучоци, во кои од една страна велат дека судскиот систем не испорачува, а од друга се бара Владата да даде повеќе пари“, кажа Мицкоски.



