Осомничен Косовец за криумчарење на мигранти, бил откриен дека е заразен со коронавирус на инсистирање на судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1, кој побарал здравствените власти да го тестираат пред да го донесат од полициска станица во судот.
На изрично барање на дежурниот судија Ненад Савески, кој се посомневал во здравјето на осомничениот, бидејќи бил во контакт со мигрантите од Бангладеш, Индија и Мјанмар, тестот бил направен во Институтот за јавно здравје. Тестот бил позитивен.
Осомничениот триесетгодишен државјанин на Косово (И. П.) е приведен во неделата, откако кај клучката Миравци бил фатен како превезува 113 мигранти од спомнатите три држави. Полицијата ја нашла оваа рекордна бројка мигранти напикани во ладилникот на камион „сканиа“, со скопски регистарски ознаки, кој осомничениот го управувал., биле пронајдени 113 лица мигранти, од кои 110 се од Бангладеш.
Позитивниот осомничен на барање на судијата во судот бил донесен во скафандер каков што користат лекарите на инфективните клиники. Сослушуван е во најголемата судница во судот, на големо растојание од странките. Добил мерка притвор за кривичното дело што бил затекнат дека го врши.
Во затворот „Скопје“ во Шутка притворениот позитивен на коронавирус бил ставен во изолација. Тој немал симптоми и проблеми, преспал во затворот. Но, денеска бил однесен на Инфективна клиника, а целиот затвор дезинфициран.
„Сега осомничениот е вратен на Инфективно, ќе видиме како ќе одлучат лекарите натаму“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на затворот Есад Рахиќ.
Но Савески пред овој, имал барање за притвор викендов и за уште еден криумчар на мигранти, кој предизвика тешка сообраќајна несреќа во која беше повредена жена од Неготино, бидејќи превезувал мигранти во спротивен правец на автопат.
Не е пракса да се тестираат осомничени кои се носат пред судии со барање за притвор. Но, како и во првиот, и во овој случај тоа било сторено, под претпоставка дека се работи за илегални мигранти кои не се под контрола на ниту една држава. На инсистирање на истиот судија, и тој бил облечен и донесен во судот во скафандер и тестиран. Неговиот тест бил негативен.
С. К. ДЕЛЕВСКА