СУДИЈАТА ПАЈАЗИТ ПАЈАЗИТИ ВО ЕДНА НЕДЕЛА ПУШТИ ВО КУЌЕН ПРИТВОР ОСОМНИЧЕН ВОЕН ЗЛОСТОРНИК ОД КОСОВО КОЈ ИЗБЕГА, А ГО СПАСИ ОД ЗАТВОР И ИЏЕТ МЕМЕТИ ОД СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

    СУДИЈАТА ПАЈАЗИТ ПАЈАЗИТИ ВО ЕДНА НЕДЕЛА ПУШТИ ВО КУЌЕН ПРИТВОР ОСОМНИЧЕН ВОЕН ЗЛОСТОРНИК ОД КОСОВО КОЈ ИЗБЕГА, А ГО СПАСИ ОД ЗАТВОР И ИЏЕТ МЕМЕТИ ОД СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИСудијата Пајазити од Основниот кривичен суд Скопје е заменик на на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев. (Фото: Фејсбук)

    Откако го пушти да избега бараниот со потерница и за екстрадиција поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани од Косово кого Србија го осомничи за воени злосторства, судијата Пајазит Пајазити за само неколку дека го спаси од затвор и Иџет Мемети, функционер од највисок ранг во државата, фатен како зема мито и за тоа призна вина.

    Пајазити е заменик е на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.

    Иџет Мемети беше фатен во криминалот што го призна како член на Советот на јавни обвинители. Претходно, во два мандата (16 години) беше Народен правобранител. Мемети беше и министер за правда во владите на Љубчо Георгиевски и на Хари Костов.

    Судијата Пајазити од Основниот кривичен суд Скопје ја прифатил место да ја одбие предлог-спогодбата на членот на Советот на обвинители Мемети и на обвинителката од Обвинителството за организиран криминал. Обвинителка е Верица Бержецка-Крстева.

    На прашање до Судот дали смеел судијата за вакво тешко кривично дело за кое е пропишана казна од една до 5 години, да отиде под овој законски минимум, Кривичниот суд рече дека предлогот за условната казна го дала обвинителката. Но, судијата можел и тоа како да го одбие предлогот на обвинителката и предметот да си оди на регуларно судење, каде Мемети би добил максимална казна затвор, како што доби поранешната Специјална обвинителка Катица Јанева за случајот „Рекет“, на пример.

    „Предлог-спогодбата, која е прифатена од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје и врз основа на која е донесена пресудата за која прашувате, е поднесена согласно член 483 од Законот за кривична постапка (ЗКП) каде Јавниот обвинител во согласност со осомничениот предлага вид и висина на казна. Судијата на претходна постапка во тој случај, носи пресуда ценејќи висината на казната да е во рамки на конкретното кривично дело, но не под границите за ублажување на казната согласно Кривичниот законик. Имајќи ги предвид Законските одредби и сите олеснителни и отежителни околности, како и предложениот вид и висина на казна, судија на претходна постапка ја има одобрено спогодбата и донесено пресуда на која течат рокови за жалба, но само во однос на висината на казната“, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК Кривичниот суд, каде што е судија Пајазит Пајазити.

    Истиот судија на претходна постапка не одреди притвор ни за групата која упадна во Контролната кула на Скопскиот аеродром на почетокот на јануари годинава, предводена од високиот функционер на ДУИ Беким Незири.

    Во функција на заштита на корупцијата кај највисоките функционери во Македонија се ставил и судијата Душан Јосифов од Основниот кривичен суд Скопје, кој прифатил предлог од само три години затвор за врховниот судија Наќе Ѓорѓиев, кој беше фатен на дело со 15.000 евра мито, за преку Иџет Мемети да заврши работа на осуден за шверц на цигари.

    „Кај Ѓорѓиев пропишаната казна е од една до 10 години затвор. Место судијата да му ја даде максималната казна, да даде пример како се казнуваат мито и корупција, тој се согласил само со три години што ги предложила обвинителката. Можел да не ја прифати предлог-спогодбата со оваа смешна казна и предметот да оди на регуларно судење. Со ова, Кривичниот суд докажа дека е суд кој ги гони само сиромашните кои ќе украдат илјада денари да им купат салама на децата“, револтирани се судиите со кои контактиравме, а кои не се од овој Кривичен суд  кој се смета за елитен и кој е единствен што суди корупција и организиран криминал кај високи функционери.

    Душан Јосифов беше судија во првиот случај на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Шамари во Центар“, каде на каменување беа ставени советници. Јосифов ги осуди  со благи пресуди главните обвинети Никола Груевски и Миле Јанакиески после бескрајно развлекување на судењето.  На Груевски му даде година и пол затвор, а на Јанакиески условна казна.

    По потезите на Пајазит Пајазити, судии прашуваат што ќе преземе Судскиот совет и дали овој срам ќе го остави така.

    Се обративме со е-пошта до претседателката Весна Дамева, која ни одговори во лично име.

    „Запозната сум за одлуките на судот, од медиумите. Во наредниот период ќе бидете запознаени со реакциите и ставовите на Судскиот совет во врска со конкретните случаи“, напиша Дамева во одговорот.

    Можеби работа конечно ќе има и Советот на јавни обвинители. Обвинителката Верица Бержецка-Крстева ги предложила срамните казни, а кои судиите Пајазити и Јосифов не морале да ги прифатат.

    Таа, наместо да истражи дали ова можеби не е прв пат тандемот Ѓорѓиев-Мемети да зема мито за погодности, тивко ја затвори истрагата, предлагајќи лесни казни во однос на одговорноста што ја имаат овие функционери, едниот на врвот на судството, другиот на врвот на обвинителската власт.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира