СУДИЈКАТА ЈОСИФОВИЌ ОД ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ОСТАВЕНА ДА СУДИ ПРЕДМЕТИ НА СЈО

    СУДИЈКАТА ЈОСИФОВИЌ ОД ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ОСТАВЕНА ДА СУДИ ПРЕДМЕТИ НА СЈОСпоред судии од Основниот суд Скопје 1, Јосифовиќ е изненадувањето во новиот распоред, потпишан од претседателот на судот Џолев, кој ќе важи од 1 јануари 2018 година. - Специјалните обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи (Фото: СДК.МК)

    Судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, посочена во последниот извештајот на Стејт Департментот за Македонија, како една од судиите преку која се прават политички манипулации во Кривичниот суд, со новиот распоред на претседателот на Судот Иван Џолев останува во Кривичниот оддел за полнолетни, каде се дојдени најголемиот дел од предметите на СЈО. Според судии од овој Суд, таа е изненадувањето во новиот распоред, потпишан од Џолев, кој ќе важи од 1 јануари 2018 година.

    На почетокот на март годинава, Јосифовиќ беше спомената во извештајот на Стејт Департментот за Македонија за 2016 година.

    „Во текот на годината, извесен број судии јавно изразија загриженост дека политичките манипулации со назначувањата во судството станале уште побезобѕирни, посебно во случаите на Специјалното јавно обвинителство“, се наведува во Извештајот во делот за состојбите во Македонија минатата година.

    Во извештајот пишува дека „на крајот на април, претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски назначи двајца нови судии во Одделот на судот за организиран криминал и корупција во, како што многумина политички и правни аналитичари опишаа, сомнителни околности, бидејќи ниту еден од нив немал доволно стаж на судската клупа или судско искуство за да се оправда нивното назначување. На двајцата судии им беа доделени случаи на СЈО, кое безуспешно бараше нивно изземање поради воочливи судири на интереси“.

    Панчевски во април 2016 за судијки на претходна постапка во организиран криминал ги постави Александра Поп Стефанија, судијка од Неготино, делегирана да суди прекршоци во Скопје и младата судијка Елена Илиевска Јосифовиќ. Обете судијки во организиран криминал се со вкупен стаж од по само пет години, сосе нивните породилни отсуства

    На 10 ноември годинава, судијката Поп Стефанија, чиј сопруг беше висок функционер од поранешната владејачка ВМРО-ДПМНЕ, беше вратена во Основниот суд Неготино, од кај што ја донесе Судскиот совет на чело со Зоран Караџовски за да ги презема во претходна постапка или во други фази предметите на Специјално јавно обвинителство.

    Претходно, во октомври, специјалната обвинителка Катица Јанева од Советот за утврдување факти доби известување дека е одбиено нејзиното барање за разрешување на судијката Елена Илиевска Јосифовиќ од Основниот суд Скопје 1 поради опструирање на случаите на СЈО. Јанева до Советот за утврдување факти имаше поднесено барања за разрешување на уште три судијки: Татјана Михајлова, Лидија Петровска, Александра Поп Стефанија, но сите беа одбиени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира