СУДОТ ГО ОДБИ БАРАЊЕТО НА КОЧАН ДА НЕ ОДИ ВО ЗАТВОР НА 17 ЈУЛИ

    СУДОТ ГО ОДБИ БАРАЊЕТО НА КОЧАН ДА НЕ ОДИ ВО ЗАТВОР НА 17 ЈУЛИСеад Кочан е правосилно осуден на 4 години и 8 месеци затвор во предметот на СЈО „Труст“. (Фото: СДК.МК)

    Кривичниот суд го одби барањето на бизнисменот Сеад Кочан за одложување на одењето во затвор на 17 јули за предметот на СЈО „Труст“, соопштија од судот.

    „Во однос на предметот од обвинителството означен како „Труст“, ја информираме јавноста дека молбата за одлагање на извршувањето на санкцијата е одбиена како неоснована и истата е доставена до странките во постапката“, соопшти Кривичниот суд.

    Кочан има упатен акт да се јави во казнено-поправна установа на 17 јули на издржување на затворската казна. Тој е правосилно осуден на 4 години и 8 месеци затвор во предметот на СЈО „Труст“ за добивање на незаконски тендер од 2011 година распишан од државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.

    Основниот кривичен суд Скопје првостепено го осуди Кочан на 6 години затвор на 20 јули 2018, а на 11 март 2019 Апелациониот суд му ја намали казната на 4 години и 8 месеци. Второобвинетиот во истиот предмет, Василие Авировиќ, доби две години условно од Апелација, откако првостепено беше осуден на три години затвор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира