СУДОТ ГО ЗАМРЗНА ИМОТОТ И НА ОСОМНИЧЕНИТЕ ВО ИСТРАГАТА НА СЈО ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ „ПОШТЕНСКА БАНКА“

    СУДОТ ГО ЗАМРЗНА ИМОТОТ И НА ОСОМНИЧЕНИТЕ ВО ИСТРАГАТА НА СЈО ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ „ПОШТЕНСКА БАНКА“Истрагата на СЈО „Поштенска банка“ е за перење 5 милиони евра од 2001-2010. - Специјалната обвинителка Катица Јанева (Фото: СДК.МК

    На барање на Специјалното јавно обвинителство, судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 го замрзна имотот на правните лица „Европа 92 ДООЕЛ Кочани“ и „НОЕЛ експорт-импорт ДООЕЛ Гевгелија“ и имот на име на нивните сопственици, осомничените лица во истрагата за перење пари „Поштенска банка“, Ратко Димитровски и Томе Главчев, соопшти утринава СЈО. Замрзнат е и имот од други правни лица кај кои СЈО се сомнева дека се прелеала противправна имотна корист, како „ТУРИСТКО ДООЕЛ Кочани“, „БЕНТТОН ДООЕЛ експорт-импорт Гевгелија“, „НОЕЛ КОМПАНИ ДОО Гевгелија“ и „НОЕЛ ПЛУС ДООЕЛ с. Стојаково-Богданци“.

    Со привремена мерка на судот за обезбедување се забранува отуѓување и располагање, а дејствијата се преземени со оглед на тоа што постои опасност истиот имот да биде отуѓен до правосилно завршување на постапката.

    „Поштенска банка“ е најновата истрага на СЈО, отворена на 13 октомври. Станува збор за голема истрага за перење пари од времето на Љубчо Георгиевски како премиер, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, поради која дента беа приведени и однесени пред судија за претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 три од деветте осомничени лица во истрагата.

    Истрагата опфаќа повеќе поврзани настани за кривични дела – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 и со неа се опфатени девет лица: Ратко Димитровски, Коле Смилевски, Томе Главчев, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра, вели СЈО.

    Во истрагата Георгиевски, Ѓорчев и Груевски, се спасуваат од делото злоупотреба на службената положба, поради проток на време и застареност.

    Вчера, судот го замрзна имотот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во врска со истрагата на СЈО „Талир“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира