Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ја одби жалбата на Специјалното обвинителство и ја потврди одлуката на судија на претходна постапка да не го прифати предлогот на СЈО за одземање на пасошите на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е првоосомничена во случајот на СЈО „Тендери“ и уште едно осомничено лице за истиот случај, соопшти Основниот суд Скопје 1.
Освен одземање на пасошите, СЈО бараше од судот на двете осомничени лица да им биде наложено и еднаш во неделата да се јавуваат кај службено лице. Судот ги одби и двете мерки на претпазливост што ги бараше СЈО.
„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалба на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) изјавена против решение на судија на претходна постапка од 28.11.2016 година во предметот на СЈО познат како „Тендери“, донесе решение со кое жалбата на обвинителството се одбива, а се потврдува решението на судија на претходна постапка. Со решението од 28.11.2016 година судијата на претходна постапка го одби предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост против две лица“, соопшти Судот.
Министерката за култура е првоосомничена во случајот за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за околу 54 милиони денари.
Канческа-Милевска, по распитот на 28 октомври, изјави дека „станува збор за чист политички театар организиран од Социјалдемократскиот сојуз, а во кој учествува Специјалното јавно обвинителство, како поддршка за оваа партија во предизборниот период“.