СУДОТ МУ ГО ОДЗЕДЕ ПАСОШОТ НА ИЏЕТ МЕМЕТИ ОД СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ, ОСОМНИЧЕН ДЕКА СО ВРХОВНИОТ СУДИЈА НАЌЕ ГЕОРГИЕВ ПРОДАВАЛЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПАРИ

    СУДОТ МУ ГО ОДЗЕДЕ ПАСОШОТ НА ИЏЕТ МЕМЕТИ ОД СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ, ОСОМНИЧЕН ДЕКА СО ВРХОВНИОТ СУДИЈА НАЌЕ ГЕОРГИЕВ ПРОДАВАЛЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПАРИМемети е второосомничен за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, за кое првоосомничениот врховен судија Наќе Георгиев на 21 мај доби 30 дена притвор. (Фото: СДК.МК)

    Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје нa oбвинителoт Иџет Mемети, кој е член на Советот на јавни обвинители, му изрече мерки за претпазливост и тоа обврска повремено да се јавува во судот и одземање на пасошот и личната карта како и забрана за издавање нови, соопшти Судот. Мерките за Мемети важат до правосилноста на постапката. Мемети е второосомничен за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, за кое првоосомничениот врховен судија Наќе Георгиев на 21 мај доби 30 дена притвор.

    Кривичниот совет од Oдделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје денеска ја одби жалбата на Георгиев и му го потврди притворот.

    Георгиев и Мемети се осомничени дека му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Синот видел дека го лажеле двајцата, па ги пријавил во МВР, каде му дале обележани банкноти. Кога му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатиле Георгиев на дело.

    Иџет Мемети во два мандата (16 години) беше Народен правобранител. Кратко беше без функција, па се најде веднаш на една од најголемите во правосудството – член на Советот на јавни обвинители, како истакнат правник, изгласан од парламентарното мнозинство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира