Основниот кривичен суд денеска му одреди нови 30 дена притвор на бизнисменот Јордан Камчев во истрагата за купување на плацевите на Водно за првоосомничениот Никола Груевски, со перење пари.
Според истрагата, на првоосомничениот Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале Сашо Мијалков и Јордан Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен. Ристо Новачевски е третоосомничен.
„Заради интерес на медиумите кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор за Ј.К., донесе решени со кое сè уште постојат околностите од член 165 ст.1 т.1 од ЗКП и го прифати предлогот на обвинителството со што ја породолжи мерката притвор за 30 дена“, соопштија од Основниот кривичен суд.
Камчев е во притвор од 14 март, кога беше и приведен поради опасност од бегство.