Судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 денеска го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство за одземање на пасошот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, кој е осомничен во случајот на СЈО „Трезор“ и вчера беше на распит во Судот. Барањето на СЈО за предложената мерка за претпазливост е неосновано, соопшти Кривичниот суд.
Судот го одби барањето на СЈО за одземање пасоши и на други двајца осомничени во случајот „Трезор“, поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски, и поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ. За првоосомничениот во „Трезор“, Горан Грујовски, барањето на СЈО за притвор беше одбиено претходно.
На прес-конференцијата на 28 септември, на која што беше презентиран „Трезор“, СЈО соопшти дека покренало истражна постапка против три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР, кои се сомничат дека прибавиле имотна корист за правно лице регистрирано како „Финзи“ во вкупен износ од над 53 милиони денари, или над 862.000 евра. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека станува збор за основано сомнение дека пари од буџетот преку злоупотреба на функции и злоупотреба на буџетот се искористени за лично богатење.
Станува збор за набавка на електронска и комуникациска опрема од правно лице од Велика Британија. Управител на фирмата „Финзи Дооел“ бил Коста Крпач, кој бил сведок на СЈО. Тој беше најден застрелан во својот стан во Скопје во април оваа година.