Поради отсуство на обвинетиот Горан Грујевски, кој е во екстрадициски притвор во Грција, судијката Џенета Бегтовиќ го презакажа судењето за „Трезор“ на СЈО за 29 март, предмет во кој што првообвинет е ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. Таа најави дека судењето е можно да започне и во отсуство на ексначалникот на Петтата управа во МВР Грујевски, во случај сè уште да трае жалбената постапка пред грчкиот Врховен суд.
Основниот суд во Солун го добил решението од Апелацискиот суд да се екстрадираат назад во Македонија избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, обвинети во предметот на СЈО „Тврдина/Таргет“, а Грујевски е обвинет и во „Трезор“ и осуден во отсуство во „Тврдина 2“.
Според правниот советник на нивните грчки адвокати Петар Василев, тие веќе поднеле жалба до Врховниот суд на Република Грција. Василев присуствува на денешното прво рочиште за случајот „Трезор“, каде обвинети се и Небојша Стајковиќ од УБК и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков.
На 28 септември 2016 година, СЈО ја отвори истрагата за „Трезор“, како прва за економски криминал. Покрај Мијалков, обвинети се и избеганиот ексначалник Горан Грујевски, тогашниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ, кој е осомничен и во истрагат за нападот на Собранието на 27 април. Меѓу сведоците е Ѓоко Поповски, кој по наредба на тогашниот директор Мијалков, ги спровел тендерите, со кои на МВР, односно на државата и биле укратени 862.000 евра.
СЈО четворицата ги товари за нелегална набавка на комуникациска и електронска опрема за потребите на Петтата управа во МВР, кои потоа со измислување потреба за нејзино одржување, за лично богатење, Буџетот го оштетиле за повеќе од 862.000 евра. Тројцата осомничени во јули 2010 година усно, без постапка за јавни набавки, со британска фирма се договориле за купување на опремата за УБК. Но, место да биде донесена од добавувачот, тројцата од УБК, со помош на раководното лице од МВР, се договараат транспортот да оди преку фирмата ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје, чиј управител бил сега покојниот сведок на СЈО Коста Крпач.
Крпач беше сведок на СЈО во истрагата за „Трезор“. Тој беше најден застрелан во својот стан во Скопје во април 2016 година.
Оваа фирма била основана од правно лице од САД, регистрирана во Кипар со сметка на ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје. Прв управител на ФИНЗИ, пред Крпач, бил Владислав Стајковиќ, брат на обвинетиот Небојша Стајковиќ.
„Единствено што работел овој правен субјект е што има зголемување на основната главнина со 650.000 евра паричен влог. Овие средства се префрлени од сметката на Финзи САД, кој била отворена на Кипар, на сметката на Финзи ДООЕЛ Скопје. Потоа истите средства се префрлаат како влог во правното лице Си-фи кар (Систина – Финзи Кардиологија), објасни тогаш обвинителката Фатиме Фетаи.
Според доказите, откако ФИНЗИ Скопје извршила увоз на опремата со вкупен износ од 1.452 403 евра, за истата опрема сумата тука ја префактурирала во 2.021.028 евра. Разликата меѓу набавната и продажната вредност во МВР е 362.000 евра, сума која отишла на сметката на Финзи Скопје.
По ова, обвинетите изрежирале одржување на таа опрема, која во МВР веќе била нефункционална. Поради софтверска и хардверска застареност, проценета била на 1 денар. Така, за британската опрема вредна еден денар, месечно од МВР се одлевале по 30.000 евра на истата фирма ФИНЗИ, се до смртта на управителот Коста Крпач, кога МВР еднострано го поништило договорот за одржување.
Во оваа истрага на СЈО, судија на претходна постапка беше Елена Јосифовиќ. СЈО бараше изземање на судијката Елена Јосифовиќ, поради сомнежи дека нема да постапува непристрасно зашто нејзиниот девер имал деловни врски со фирмата „Финзи“, која е опфатена со истрагата во случајот. Тогашниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, го одби барањето на СЈО за изземање, а неговата одлука ја потврди и Апелацискиот суд. Јосифовиќ ги одби сите мерки за претпазливост за обвинетите.
С. К. ДЕЛЕВСКА