СУДОТ ПУШТА ОД ПРИТВОР КРИМИНАЛЦИ КОИ ИМААТ ЈАКИ БИЗНИС ВРСКИ И МОЖАТ ДА ЈА НАРУШАТ ИСТРАГАТА, ВЕЛИ СПАСОВСКИ

    СУДОТ ПУШТА ОД ПРИТВОР КРИМИНАЛЦИ КОИ ИМААТ ЈАКИ БИЗНИС ВРСКИ И МОЖАТ ДА ЈА НАРУШАТ ИСТРАГАТА, ВЕЛИ СПАСОВСКИМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествуваше на Националната конвенција, која беше насловена како „Следејќи го патот на парите - зајакнување на механизми за финансиски истраги“ на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека судот од за него непознати причини пушта од притвор транснационални криминалци кои имаат јаки бизнис и меѓународни врски и кои можат сериозно да го нарушат водењето на истрагите.

    „Имаме случаи кога интензивно ќе работиме на сузбивање на одредена криминална група, при тоа ќе се завршат сите постапки, ќе се приведат овие лица и на крајот некој во судот ќе одлучи, заради не знам кои причини, да бидат пуштени без притвор. Овде не говорам за криминалци од помал обем туку за транснационални криминалци, криминалци како дел од владејачките структури кои биле во Македонија или се и сега, криминалци кои имаат јаки бизнис врски и меѓународни врски и кои можат сериозно да го нарушат водењето на таквите истраги“, кажа Спасовски на Националната конвенција, која беше насловена како „Следејќи го патот на парите – зајакнување на механизми за финансиски истраги“ на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

    Тој пак најави дека ќе направа „ветинг процес“ за сите вработени во МВР.

    „Со овој процес веќе сме во напредна фаза и наскоро ќе излеземе со целиот тој концепт. Но, јас апелирам таков ’ветинг процес‘ да се спроведе и во другите институции затоа што би било залудно да работите и да направите една институција во која ќе се детектираат и елиминираат ваквите луѓе кои што можеби ги имаат тие врски со криминалните структури, а наспроти ова, во другата институција имате луѓе кои соработуваат со тие криминални структури“, вели министерот за внатрешни работи.

    Спасовски најави дека неговото министерство е при крај со формирањето на специјализирани одделенија за водење на финансиски истраги и веќе се врши пополнување на овие работни места во единиците, обука на луѓето кои што ќе работат.

    Од исклучителна важност во борбата со справувањето со организираниот криминал и корупција е да имаме и паралелни финансиски истраги се со цел нелегално стекнатиот имот да не остане повторно во рацете на криминалците. Тоа е основа за ние, како министерство, но и другите институции кои што учествуваат во спроведувањето на законот ги јакнеме своите капацитети токму во финансиските истраги и конфискацијата на имотот. Очекуваме многу брзо да започне со работа оваа единица за водење финансиски истраги. Минатата година во рамките на борбата против организираниот криминал биле откриени 154 кривични дела при што мерки за кривичен прогон се преземени кон 249 лица“, додаде министерот Спасовски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира