Судскиот совет утре на тајна седница, без присуство на новинари, вонредно ќе ги оценува кандидатите за претседатели на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, Владимир Туфегџиќ и Иван Џолев, но и четворицата кандидати за претседател на Врховниот суд Лидија Неделкова, Снежана Бајлозова, Беса Адеми и Јово Вангеловски.
“Оваа вонредна седница е само со една цел. Како да се поправи ситуацијата со слабата оценка на сегашниот претседател Владимир Панчевски. На него последната оценка му е тројка. Таа оценка е од 2014, бидејќи во 2015 немаше оценување. Немаше, бидејќи се донесе законска измена оценувањето на судиите да биде не секоја, туку на две години. Во 2015, со судиите што се избраа во Основниот суд Скопје 1 и со бројните вработувања во судската администрација во Кривичниот суд, судот беше оценет како ажурен. Бидејќи на Панчевски му стои последна оценка тројка, сега се бара начин како со ажурноста на Судот, тројката да му се амортизира“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК судии потпишани на претставката против Панчевски, која е во процедура во Советот за утврдување факти за разрешување на судија.
Во Врховниот суд велат дека нив не може никој да ги оценува во Судскиот совет, бидејќи функцијата на овој суд е поинаква од останатите судови во судскиот систем, одлуките на врховните судии се конечни, а нивната работа според законот е неспоредлива со работата на основните, апелационите, управниот и вишиот управен суд.
Вчера и денес врвот на судската власт во Македонија, заедно со државниот обвинител Марко Зврлевски и јавните обвинители на најважните обвинителства, е во Маврово на работилница без присуство на јавноста на која расправа за спроведувањето на итните реформски приоритети во судството. Овој настан е под покровителство на амбасадата на Велика Британија.
Панчевски, неофицијално, е на работилницата во Маврово, но нема да присуствува на утрешната седница на Судскиот совет, бидејќи не е член. На оваа седница треба да се разгледаат и кривичните пријави против него, како и претставката од Џолев. Извесно е дека Панчевски, сепак преку членовите на Советот, кај точката за вонредно оценување ќе ја стави на дневен ред забелешката што ја има против судијата Џолев, за предмет кој овој судија не го решил цели 9 години.
Панчевски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека неговите укажувања кон Џолев биле во таа насока, дека по член 178 од стариот Закон за кривична постапка, предметот требало да го реши за 90 дена. Судијата Иван Џолев не одговара на телефонските повици ни за овој конфликт со Панчевски.
С. К. Делевска