СУДСКИОТ СОВЕТ МУ ГО ПРОДОЛЖИ МАНДАТОТ НА СУДИЈАТА МУСТАФА ШАХИНИ, КОЈ Е ПОД ИСТРАГА ЗА КРИМИНАЛ ОД 200.000 ЕВРА

    СУДСКИОТ СОВЕТ МУ ГО ПРОДОЛЖИ МАНДАТОТ НА СУДИЈАТА МУСТАФА ШАХИНИ, КОЈ Е ПОД ИСТРАГА ЗА КРИМИНАЛ ОД 200.000 ЕВРАОбвинителката Вилма Рускоска побара и притвор за Шахини, но Судскиот совет само му го одзеде имунитетот, а не дозволи да оди во притвор. - Од седница на Судски совет (Фото: СДК.МК)

    Суспендираниот судија од Управниот суд Мустафа Шахини, на негово барање, си доби продолжување на мандатот како судија, иако имунитетот му е одземен. Тој е суспендиран од мај 2019 година, бидејќи обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска отвори истрага за него за злоупотреби на функцијата.

    Рускоска побара и притвор за Шахини, но Судскиот совет само му го одзеде имунитетот, а не дозволи да оди во притвор.

    Шахини е осомничен дека со злоупотреба на службената положба и овластувањата, како судија во Управниот суд ја оштетил државата со двесте илјади евра.

    „Судскиот совет донесе одлука со која го одзема имунитетот на судија, заради непречено водење на кривичната постапка. Донесена е одлука со која не се одобри барањето за определување на мерката притвор за судијата“, соопшти тогаш Судскиот совет.

    Мандатот денеска на Шахини, поради пресумпција на невиност, му е продолжен до август 2021 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари