ТАЛАТ ЏАФЕРИ ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА ЗА ГЛАСАЊЕ ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА, БЕЗ НЕГО СЕ 60 ПРАТЕНИЦИ ВО САЛАТА

    ТАЛАТ ЏАФЕРИ ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА ЗА ГЛАСАЊЕ ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА, БЕЗ НЕГО СЕ 60 ПРАТЕНИЦИ ВО САЛАТАЏафери кажа дека тој не ја поддржува иницијативата за гласање доверба на владата и му ја препушти седницата на потпретседателот на Собранието, Фадиљ Зендели од Беса. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери ја отвори денешната седница за гласање доверба на владата и откако службите ги преброија присутните пратеници и сосе него беа 61, тој даде пауза од 10 минути и ја напушти салата.

    Џафери кажа дека тој не ја поддржува иницијативата за гласање доверба на владата и му ја препушти седницата на потпретседателот на Собранието, Фадиљ Зендели од Беса. Пратениците од досегашното мнозинство, предводено од СДСМ и ДУИ, не влегоа во салата. Двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се во изолација поради ковид-19 и тие се сместени во галеријата на пленарната сала.

    За да се изгласа недоверба на владата се потребни 61 пратеник.

    По кусата пауза, седницата продолжи со Зендели, но веднаш беше дадена пауза од еден час, на барање на ВМРО-ДПМНЕ.

    Иницијативата за гласање доверба на владата ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ пред три дена, а првично на иницијативата беа потпишани 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица.

    Но, пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи во меѓувреме побара неговиот потпис да не стои на ист список со потписот на Димитар Апасиев, па вчера 17-мина пратеници, вклучувајќи го и лидерот на Левица ги повлекоа потписите од иницијативата.

    Од првичните потпишани 61 пратеник на иницијативата недостасува пратеникот на Беса Кастриот Реџепи, кој на Фејсбук потврди дека нема да учествува во гласањето доверба на владата.

    Седницата треба да трае до полноќ, кога би било и гласањето за доверба на владата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира