Триесетишестгодишен жител во Прилепско, три години ги силувал своите три ќерки родени 2008, 2010 и 2014, а мајката ги убедувала дека е срамота да пријават и дека треба да ги почитуваат родителите. Обвинителството соопшти дека побара притвор за обајцата родители и иницира соодветно згрижување на сите деца од семејството преку надлежните служби.
„Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 36-годишен жител на прилепско за кого постои основано сомнение дека сторил продолжени кривични дела – Силување на дете кое не наполнило 15 години од член 188 став 1, како и Родосквернавење од член 194 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во периодот од 2021 до 2023 година, во повеќе наврати, осомничениот во својот дом вршел полови дејствија врз неговите три ќерки, родени 2008, 2010 и 2014 година, кои во време на сторување на делата немале наполнето 14 години“, вели Обвинителстото.
Истрага е поведена и против мајката на децата, која е осомничена за кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.
„Делото го сторила со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување и ги запуштила своите ќерки, кои и кажале дека таткото врши полови дејствија и обљуба врз нив, а таа ги убедувала дека е срамота да пријават и дека треба да ги почитуваат родителите. Со тоа допуштила децата жртви да живеат заедно со нивниот татко кој полово ги злоупотребувал и не презела никакви мерки за нивна заштита. На 27 јуни, едно од девојчињата се охрабрило и го пријавило таткото во полиција“, вели Обвинителството.