Судењето за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 77-годишниот Панче Жежовски од Велес, продолжи со Музафер Калишиќ, кој на 27 ноември кога беше грабната и убиена Вања, бил помошник-началник на СВР Скопје, за криминалистички работи и кој првата вечер ја барал Вања заедно со таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски.
Веднаш по пријавувањето на исчезнувањето на девојчето, Калишиќ бил назначен да ги координира активностите за потрага. Поради сензитивноста на случајот и индициите за киднапирање, веднаш се вклучивме и ние старешините, рече тој.
„Првото мое запознавање со родителите на девојчето беше во просториите на ЕБР Центар. Мајката Зорица Ѓорчевска беше посталожена. Таткото Александар беше потиштен и конфузен. Беше конфузен во однос на тоа што го прашувавме, за тоа што би можела да биде причината за исчезнувањето на Вања. Ги контактиравме и роднините. Александар викаше ‘ајде, ајде да одиме да ја бараме’. Сите беа на терен, се поделивме со колегата, тој со мајката, јас со таткото и со роднина на Зорица”, го почна Калишиќ сведочењето во однос на докажувањето вина на Александар, таткото на Вања.
Тој е обвинет дека му дал информација на Палевски дека критичното утро Вања одела сама на училиште, без помалата сестра.
„На кои локации отидовте?”, праша обвинителката.
„Мајката кажа дека има стан во Капиштец. Кога кажавме ќе одиме таму, Александар рече џабе ќе одиме, јас веќе бев таму. Со колата на Александар отидовме првин во подрумот, а потоа горе. Цело време Александар тврдеше дека џабе губиме време, дека ќерка му е киднапирана и убиена. Продолживме да бараме во Капиштец, тој цело време велеше ‘џабе барате’. Нејќеше да излезе од автомобилот. Го прашав зошто не излезеш од колата, зашто и роднината на Зорица ме праша. Пак ми рече дека џабе бараме, киднапирана е и убиена. И, цело време тоа беше: ‘Ајде да бараме и џабе бараме, убиена е’. Истото го коментираше и во колата”, одговори Калишиќ.
„Го прашав зошто така смета дека детето му е киднапирано и убиено, дали должи пари, дали има закани, поврзан ли е со некои политичари, одговори негативно”, продолжи тој.
Потоа отишле да го пребаруваат Водно, по што се вратиле во Полициската станица Беко.
Следните денови останале во контакт со Александар, а потоа тој дошол со некој Гоце Трајковски, за кој кажал дека му е старо кумство, со кој не се виделе 20-тина години.
„Александар повеќе се интересираше за тоа ние што имаме во истрагата. Велеше да бараме мафијашки групи кои киднапираат и бараат откуп“, кажуваше сведокот за чудното, според него, однесување на родителот на Вања.
„Какви пораки, какви информации ви праќаше Александар во корист нели на истрагата?“, праша обвинителката.
„Ми прати на пример една снимка од безбедносна камера од спротивната страна на зградата каде што живее Вања и која гледа право во влезот на зградата на Вања. Кога отидовме таму, кабелот на камерата беше исечен”, рече началникот.
„Гоце ви праќаше снимки?”, продолжи обвинителката.
„Гоце многу снимки ни испрати, ќе издвојам една, од кола од бензинската пумпа во Велес. Тоа била колата на исчезнатиот Панче, за која ние во Скопје не знаевме и не знаевме сè уште дека случаите на Панче и Вања биле поврзани”, одговори сведокот.
На прашање на обвинителката, сведокот одговори дека цивилно лице како Гоце, не може да симне снимки од безбедносна камера, односно да располага со нив.
Сведокот Калишиќ одговори дека тој Гоце му кажал оти братучедот му работел на бензинската.
- КЕШИШЕВ НИ РЕЧЕ КОПАЈТЕ ТАМУ КАЈ ПЕРНИЦИТЕ И КОГА СЕ ВИДОА ВЕЃАТА, НОСОТ И ЕДНАТА НОГА НА ДЕВОЈЧЕТО, ПРЕСТАНАВМЕ ДА КОПАМЕ, СВЕДОЧИ ПОЛИЦИСКИ НАЧАЛНИК КАКО ЈА НАШЛЕ ВАЊА
- АЛЕКСАНДАР ОД ПРВ МОМЕНТ ТВРДЕШЕ ДЕКА ВАЊА Е КИДНАПИРАНА, СВЕДОЧЕШЕ МАЈКАТА ЗОРИЦА ЃОРЧЕВСКА
- НЕ ГО ПОЗНАВАМ ПАЛЕВСКИ ЛИЧНО, НО ЗНАМ КОЈ Е, СВЕДОЧЕШЕ МАЈКАТА НА УБИЕНАТА ВАЊА
Првообвинет е Љупчо Палевски, а покрај таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, обвинети соизвршители за две свирепи убиства се и Влатко Кешишов и Боре Видевски и Велибор Манев.
Според обвинението, прво на 22.11.2023 обвинетите извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, таткото на Вања, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Дебар Маало во Скопје .
С. К. ДЕЛЕВСКА