ТЕХНИЧКИОТ ПРИЕМ НА КОВИД-БОЛНИЦИТЕ ПОМИНА ПО СТРОГИТЕ СТАНДАРДИ НА СВЕТСКА БАНКА, ВЕЛИ КОМПАНИЈАТА „БРАКО“

    ТЕХНИЧКИОТ ПРИЕМ НА КОВИД-БОЛНИЦИТЕ ПОМИНА ПО СТРОГИТЕ СТАНДАРДИ НА СВЕТСКА БАНКА, ВЕЛИ КОМПАНИЈАТА „БРАКО“Во вчерашниот пожар во модуларниот Ковид-центар во Тетово загинаа 14 лица, а 12 се на лекување во Тетовската болница и се надвор од животна опасност. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Оној дел од работите кои беа наша одговорност при изградбата на монтажните Ковид-центри се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет, вели компанијата „Брако“ која е испорачувач на модуларни префабрикувани контејнери.

    Во вчерашниот пожар во модуларниот Ковид-центар во Тетово загинаа 14 лица, а 12 се на лекување во Тетовската болница и се надвор од животна опасност.

    Министерството за здравство претходно соопшти дека сите 19 модуларни ковид болници во државата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди, откако утрово излегоа информации во медиумите и на социјалните мрежи дека пропусти при градбата може да се причина за пожарот во модуларната болница во Тетово.

    „Пред техничкиот прием, сите позиции на работа кои беа наша обврска се тестирани и проверени, за што впрочем е доказ уредниот технички прием на објектот, кој е потоа предаден во употреба, а согласно ригорозните стандарди на Светската Банка како финансиер на проектот, а преку Проектната единица при Министерството за труд и социјална политика“, стои во соопштението од „Брако“.

    Според Министерството за здравтво, при пуштањето во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти.

    Од „Брако“ велат дека забелешките кои се појавиле при техничкиот прием, биле во најголем дел од естетска природа, и никако не можат да се поврзат со несреќата, како и дека биле уредно беа отстранети во зададениот рок,  а пред пуштање на болницата во употреба. Оттаму повикуваат  целокупната документација за техничкиот прием да биде објавена од надлежните институции, а тоа претходно го најави и Министерството за здравство.

    Владата попладнево одлучи и странски експерти за истрага на пожари да се вклучат во утврдувањето на причините за пожарот во тетовскиот Ковид-центар. Владата на денешната седница донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира