ТЕЛЕВИЗИЈАТА ЧИЈ ГАЗДА Е ИЗБЕГАН НЕ Е ПОД ИСТРАГА, ВО ДРУГИ МЕДИУМИ СЈО БАРАЛО ДОКУМЕНТИ ЗА ДРУГИ ИСТРАГИ

    ТЕЛЕВИЗИЈАТА ЧИЈ ГАЗДА Е ИЗБЕГАН НЕ Е ПОД ИСТРАГА, ВО ДРУГИ МЕДИУМИ СЈО БАРАЛО ДОКУМЕНТИ ЗА ДРУГИ ИСТРАГИ

    Специјалното јавно обвинителство  не води истрага  против ниеден медиум , кажа специјалната обвинителка Ленче Ристоска на вчерашната прес-конференција на СЈО по повод протестите на новинарите на ТВ Нова чиј газда Сеад Кочан е првоосомничен во случајот „Труст“ и се бара со меѓународна потерница за да оди во притвор. Неговиот адвокат Никола Додевски, кој е и адвокат на поранешниот премиер Никола Груевски вели дека Кочан е на службен пат, а неговата сопруга, според пресудата на Апелациониот суд, не знае каде и е заминат сопругот.

    Новинарите на ТВ Нова неколку дена им се придружуваат на работниците на „Трансмет“, градежна компанија на осомничениот Кочан и го обвинуваат СЈО дека со гонењето на нивниот газда и барањето да се врати од службен пат за да оди во притвор вршат притисок врз медиумите и слободата на информирањето.

    „Најостро демантираме дека Специјалното јавно обвинителство прави притисок врз медиумите. Против ниеден медиум не е отворена истрага. За нас, сите се исти пред законот“, рече специјалната обвинителка Ристоска.

    На прес конференцијата, новинарите на ТВ Нова ги спуштија камерите и рекоа дека ќе ја бојкотираат Катица Јанева и нејзините обвинителки. Ним им се придружија и колегите од неколку други медиуми блиски до уредувачката политика на ТВ Нова, како и екипата на весникот „Вечер“, за чија уредничка Ивона Талевска вчера СЈО објави истрага за затаен данок од околу 40.000 евра.

    Специјалното јавно обвинителство во истрагата за фалсификување документи за да се добие тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола против фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“ нема побарано замрзнување на сметките на компаниите, ниту пак замрзнување на личните сметки на нивните сопственици.

    Не е побарано ни замрзнување на сметката на ТВ Нова чиј сопственик Сеад Кочан се уште не се вратил од службен пат за да оди во притвор.

    Специјалната обвинителка Ленче Ристовска рече: „Ако некои лица за кои е отворена истрага, а се поврзани или се сопственици на медиуми, сториле некои кривични дела, во наш интерес е да се провери и истражи тоа“.

    Не е познато дали истражителите на СЈО ја чешлале документацијата на ТВ Нова, како што во текот на февруари беше чешлана документација на други медиуми. Истражителите на Катица Јанева кон средината на февруари влегоа во медиумската куќа Медиа принт Македонија (МПМ)  и според непотврдени сознанија од извори во компанијата барале документи, фактури и плаќања за извршени кампањи од ВМРО-ДПМНЕ и Владата.

    МПМ, сопственик на весниците Дневник, Вест, Утрински весник и магазинот Теа модерна и Македонски спорт, беше најголемиот донатор на изборната кампања  на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2013, со 252.843 евра.

    Според непотврдени информации, тим од СЈО ја проверуваал и документацијата во телевизијата Канал 5.

    Според извештајот на Државниот завод за ревизија, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за реклами во изборната кампања за локалните избори во 2013 потрошила 1.581.201 евра, пари кои во најголемиот дел се обезбедени од донации од вкупно 37 медиуми.

    Најголеми донатори, покрај МПМ беа Сител ТВ со 161.364 евра, Канал 5 со 145.506 евра и Алфа ТВ со 76.840 евра. ТВ Нова тогаш не постоеше.

     

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари