Матија Каников, кој одлежа 6 месеци затвор поради нападот на новинарската екипа на порталот „А1он“ на протестот на „За заедничка Македонија“ на 28 февруари 2017 година, уште работи во Град Скопје. Тој не е избркан од работа бидејќи според Законот за работни односи за затворска казна до 6 месеци, не се прекинува работниот однос, ниту може да биде избркан од работа.
Каников во Град Скопје работи како комунален редар и откако излегол од затвор, се вратил на работа.
Градоначалникот Петре Шилегов вели дека итно треба да се измени Законот за работни односи за вакви случаи особено за државните службеници.
„Државен службеник со вакво девијантно однесување не треба да биде вратен од работа. Сообраќајна несреќа може на секого да му се случи, но тепање новинари е недозволиво, без разлика што затворската казна била до 6 месеци. За жал според сегашниот закон не може да биде избркан од работа“, вели Шилегов.
Новинарот Александар Тодески и камерманот Владимир Желчески од „А1он“ претрпеа потрес на мозок и други повреди при нападот во близина на Собранието и беа со возило на Итна помош пренесени во болница, по што беа пуштени на домашно лекување.
Во средата на протестот на ВМРО-ДПМНЕ беше нападната новинарката на телевизијата „Ал Џезира Mакедонија“ Милка Смилевска.
А. АНТЕВСКА