ТЕРАПИЈАТА НА ОНКОЛОГИЈА Е СООДВЕТНА И НЕМА ЗЛОУПОТРЕБИ, ИМ РЕЧЕ ДЕНЕСКА МИНИСТЕРОТ МЕЏИТИ НА ПАЦИЕНТИТЕ

    ТЕРАПИЈАТА НА ОНКОЛОГИЈА Е СООДВЕТНА И НЕМА ЗЛОУПОТРЕБИ, ИМ РЕЧЕ ДЕНЕСКА МИНИСТЕРОТ МЕЏИТИ НА ПАЦИЕНТИТЕМеџити денеска ги уверуваше пациентите на Онкологија дека лековите се безбедни, и дека секој што згрешил, ќе одговора. (Фото: Принтскрин од видео)

    Министерот за здравство Фатмир Меџити ги уверува пациентите на Клиниката за онкологија дека не треба да се сомневаат во квалитетот на терапијата и професионалноста на лекарите на Онкологија, дека терапијата е соодветна и нема никакви злоупотреби со лековите.

    Јавното обвинителство во петокот отвори предистражна постапка за криминална бизнис-мрежа за препродавање скапа биолошка терапија за лекување на болните од рак на клиниката. Завчера во Скопје се одржа протест на стотици граѓани револтирани од објавите за криминалот на Клиниката.

    Министерството за здравство денеска соопшти дека министерот утринава присуствувал на стручниот онколошки колегиум, кој се одржува еднаш неделно, односно секоја среда во месецот. Меџити со лекарите разговарл за воспоставениот систем на работа на Клиниката, начинот на контрола на терапијата, соодветна и навремена терапија за секој пациент, како и за механизмите за елиминирање на какви било злоупотреби со терапиите.

    Клиниката за онкологија нов начин на работа има воведено од ноември лани, каде конзилиум од 12 раководители на оддели ги разгледуваат историите на пациентите на кои им е индицирана апликација на биолошка терапија и заеднички се одлучува дали има основа пациентот да прима одредена терапија.

    „На овој начин е исклучена можноста за евентуални злоупотреби односно поединечно носење одлуки за биолошката терапија. За аплицирање на назначената терапија, постои уредна евиденција во амбулантниот дневник коі се води во дневната болница. На Клиниката се води и електронска евиденција за контрола на секој лек кој влегува на Онкологија. Во електронската евиденција на Клиниката за секој лек постои ‘картица на артикл’ кој ги содржи следните податоци: име и презиме на пациент, број на евидентиран преглед, датум на преглед, датум на апликација на лек, количина на лек“, вели Министерството.

    Оттаму додаваат дека лекарите на состанокот побарале да бидат заштитени од генерализирање на одговорност и од јавниот линч, бидејќи „професионално и посветено работат, што е показател за многу излекувани пациенти и спасени животи“.

    Собранието на вчерашната седница го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се формира анкетна комисија за утврдување на одговорност за политичките и здравствените функционери по обелоденетиот скандал со криминал во Клиниката за онкологија и радиотерапија.

    Во анкетната комисија ќе учествуваат 14 пратеници, од кои шест ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ, два од ДУИ и еден од Алијанса за Албанците.

    Анкетната комисија ќе треба да му поднесе конечен извештај на Собранието за еден месец од завршувањето на својата работа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира