ТЕШКО МОЖЕ БУГАРИЈА ДА ЈА СМЕТАМЕ ЗА ПРИЈАТЕЛ ПОРАДИ ТОА КАКО СЕ ОДНЕСУВА КОН МАКЕДОНИЈА, КАЖА НИКОЛА ДИМИТРОВ ЗА „БИ-БИ-СИ“

    ТЕШКО МОЖЕ БУГАРИЈА ДА ЈА СМЕТАМЕ ЗА ПРИЈАТЕЛ ПОРАДИ ТОА КАКО СЕ ОДНЕСУВА КОН МАКЕДОНИЈА, КАЖА НИКОЛА ДИМИТРОВ ЗА „БИ-БИ-СИ“Потребна e акција за да се врати довербата кај луѓето дека Западен Балкан има европска иднина. - Димитров со Урсула фон дер Лајен (Фото: Фејсбук)

    Тешко е моментално Бугарија да ја сметаме за пријател поради начинот на кој се однесува кон Македонија и ја блокира нашата европска иднина, вели вицепремиерот Никола Димитров во интервјуто за „Би-Би-Си“. Тој додава дека двете држави го потпишаа Договорот за пријателство токму со цел Бугарија да ѝ помогне на Македонија на патот на евроинтеграциите.

    „Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед. Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија – нашата европска иднина. Навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели. Најприродната состојба би била нашите соседи да бидат нашите најголеми поддржувачи“, изјави Димитров.

    Според него, јазикот на кој се зборува во една земја не треба да биде прашање за друга земја.

    „За етничките Македонци во Северна Македонија, тоа е македонскиот јазик. Ова е прашање за луѓето во земјата. Ова не е прашање за друга земја, не е прашање за меѓународна организација. Инвестиравме многу во нашите односи со Бугарија. Го потпишавме Договорот за пријателство велејќи дека владите ќе работат и соработуваат гледајќи кон иднината, а за прашањата од историјата, формиравме Комисија на историчари за да разговара за оние делови од нашата историја кои се заеднички и ги поврзуваат двата народи, двете земји“, кажа Димитров.

    Иако во ЕУ има консензус околу проширувањето, тој смета дека е потребна акција за да се врати довербата кај луѓето дека тоа е возможно и дека навистина постои европска иднина за Западен Балкан.

    „Најголемиот пресврт за тоа ќе биде почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, кажа Димитров.

    На прашањето што мисли за тоа дека дека земји-членки како Франција или Холандија стравуваат оти земјите како Македонија не се подготвени да се приклучат, дека има уште многу работи за да се исполнат европските критериуми во области како правото, на пример, Димитров вели:

    „Не му приоѓаме на ова со леснотија, разбираме дека не сме центарот на универзумот, разбираме дека ЕУ е погодена од голем број последователни кризи. Прашањето на тие лидери е легитимно. Нивното прашање е: овие нови шест земји, дали ќе донесат повеќе проблеми или ќе донесат повеќе решенија? Другата перспектива е, ова е регион опкружен со земји членки. Ние сме во ист брод во економска смисла. ¾ од трговијата на регионот е со Европа, ¾ од странските директни инвестиции што доаѓаат во регионот се од земјите членки на ЕУ. Мигрантската криза преку балканската рута покажа колку нашиот регион е од клучно значење за безбедноста на самата Европа. Значи, ако Европа е куќа, а Западен Балкан е просторија која не е дел од куќниот ред, која не е вклучена во системот на електрична енергија, снабдување со вода, клима уред итн. Тоа не е добро за самата просторија, но исто така не е добро и за целата куќа.”

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира