ТЕСТИРАЈТЕ СЕ ЗА СИДА, ГОДИНАВА 41 ДИЈАГНОСТИЦИРАН СО ХИВ, 3 ПОЧИНАЛЕ

    ТЕСТИРАЈТЕ СЕ ЗА СИДА, ГОДИНАВА 41 ДИЈАГНОСТИЦИРАН СО ХИВ, 3 ПОЧИНАЛЕ„Претпоставиките се дека бројот на недијагностицирани лица, или оние што не го знаат својот ХИВ статус е голем. Апелирам до граѓаните да дојдат на Клиниката за инфективни болести или преку здруженијата и да се тестираат, каде тестовите се анонимни и бесплатни. Раното откривање на болеста значи обезбедување квалитетен живот“, рече министерот за здравство Венко Филипче ( Фото: МИА)

    Годинава се дијагностицирани 41 лице со ХИВ вирус, а тројца починале од СИДА. Сите новодијагностицирани се мажи, а 82 отсто се на возраст од 20 до 39 години. Според начинот на пренос, 78 отсто од случаите се мажи кои имале секс со мажи, седум лица пријавиле хетеросексуален пренос, а едно лице не го знае начинот на пренос, кажа д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје на одбележувањето на Први декември – Светскиот ден на борба против ХИВ/СИДА.

    Тој рече дека најмладиот заразен има 21 година, а најстариот 51 година. Во сите центри низ државата има регистрирано случаи, а над 50 отсто се регистрирани во Скопје.

    „Годинава преку невладините организации кои работат на оваа проблематика околу 10.300 лица добиле советување за начинот на пренос на вирусот, а 3.350 бесплатно и анонимно ХИВ тестирање. На Клиниката за инфективни болести 787 лица добиле бесплатно и анонимно ХИВ тестирање, а советувања и предавања изврешни се во 162 организации и училишта“, рече д-р Микиќ.

    Тој кажа дека при тестирањето се фокусирани на ризичните групи, но дека не може да каже дали жените помалку се тестираат од мажите и дека бројките и кај нас ги следат трендовите од европските земји.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека годинава Министерството за здравство одвоило 37 милиони денари за антиретровирусна терапија и 52 милиони денари за програмите за рано откривање на ХИВ инфекцијата, која се спроведува преку Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје и 15 граѓански здруженија.

    „Претпоставиките се дека бројот на недијагностицирани лица, или оние што не го знаат својот ХИВ статус е голем. Апелирам до граѓаните да дојдат на Клиниката за инфективни болести или преку здруженијата и да се тестираат, каде тестовите се анонимни и бесплатни. Раното откривање на болеста значи обезбедување квалитетен живот“, рече Филипче.

    Д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести кажа дека Клиниката располага со потребната терапија и дека при лекувањето се дава комбинација од два или три лека. Таа рече дека во моментов на антиретровирусна терапија се 217 лица, дека кај дел од пациентите кај кои е неодамна откриен вирусот сѐ уште не одлучиле да примаат терапија.

    „Нема ризични групи има само ризично однесување, затоа е многу важно да се преземат сите мерки за превенција“, рече д-р Стевановиќ.

    Андреј Сених, од здружението за поддршка на лицата со ХИВ „Заедно Посилни“, кажа дека се задоволни од начинот на соработка меѓу Министерството за здравство и граѓанскиот сектор и дека има терапија за лицата со ХИВ.

    „Се надевам дека оваа соработка ќе може да се продлабочи, за што сметаме дека има простор од едногодишното искуство. Голем дел од лековите што се за третман на инфекцијата не се регистрирани во Македонија, и тоа ја отежнува набавката на лекови“, рече Сених.

    Од 1987 досега во Македонија регистрирани се 400 случаи со ХИВ, а 99 лица од нив досега починале. Статистиката според д-р Микиќ покаќува дека 339 или 86 отсто од вукпнодијагностицираните досега се мажи.
    „Последните 17 години смртноста на лицата со ХИВ статус опаѓа, но расте бројот на новодијагностицирани. Најмногу се од возрасната група меѓу 20 и 39 години, а доминантен е хетеросексуалниот пренос на инфекцијата. Сепак 40 отсто од вкупно дијагностицираните се по хетеросексуален пат, а бројот на лица што инјектираат дроги е 2,5 отсто. Ретки се и другите начини на пренос“, рече д-р Микиќ.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари