Тетово денеска цел ден е со енормни вредности на загаден воздух, а вечерва откако падна густа магла енормно се зголеми и загаденоста во Скопје, според мерните станици на апликацијата МојВоздух.
Апликацијата го мери индексот на квалитет на воздух (AQI – Air Quality Index), нова мерка воведена во МојВоздух која прави сума на сите измерени вредности од сензорите на една станица, прикажувајќи ја загаденоста на Европската скала за AQI од 0 до 100. Мерка под 25 означува многу ниска загаденост, под 50 – ниска, под 75 – средна, под 100 – висока, и над 100 – екстремно висока.
Во Тетово денеска мерката е 293, а на повеќето мерни станици во Скопје е меѓу 110-165.
Според овие вредности, воздухот има наднормално загадување и треба да се избегнуваат подолги периоди на отворена површина. На мали деца, стари лица и бремени жени им се препорачува да не излегуваат без посебна потреба.
Поради густата магла од доцна попладнево не слетуваат авионите на Скопскиот аеродром, повеќето летови се пренасочени кон Софија и Приштина или се откажани.