ТОЧНО Е ДЕКА ДЕЛ ОД ФАКУЛТЕТИТЕ ИМААТ ДОЛГОВИ ЗА СТРУЈА, ЌЕ СЕ ПОКРИЈАТ СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА

    ТОЧНО Е ДЕКА ДЕЛ ОД ФАКУЛТЕТИТЕ ИМААТ ДОЛГОВИ ЗА СТРУЈА, ЌЕ СЕ ПОКРИЈАТ СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКАДолг кон ЕВН имат Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет, како и зградата на Ректоратот на УКИМ, кои вчера беа исклучени од струја. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за образование Весна Јаневска денеска најави дека долгот за струја кон ЕВН на дел од факултетите ќе се плати, а за тоа пари има во ребалансот на Буџетот. Долг кон ЕВН имат Машинскиот, Електротехничкиот, Природно-математичкиот и Земјоделскиот факултет, како и зградата на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, кои вчера беа исклучени од струја. Неофицијално долгот е околу пола милиони евра.

    Денеска факултетите добија струја, но даден им е рок до крајот на неделата да го подмират долгот.

    „Електрична енергија на УКИМ има. Точно е дека има долгови за електрична енергија, меѓутоа, вчера, во ‘Службен весник‘ излезе ребалансот на Буџетот, долговите редовно ги сервисираме и длабоко сум убедена дека ќе немаме ваков проблем“, рече министерката Јаневска по посетата на Институтот за историја на Филозофскиот факултет на УКИМ по повод 80 години од неговото основање.

    Од ЕВН не ги соопштуваат институциите кои биле исклучени од струја. Во нивниот одговор на нашето прашање ни одговорија дека станува збор за информации кои произлегуваат од деловниот однос меѓу компанијата и нејзините корисници.

    „Од тие причини, не би можеле да споделуваме поединечни информации за финансиските обврски на конкретни корисници, вклучително и на институциите од јавниот сектор“, велат од ЕВН.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира