ТРАМП ЈА ОДЗЕДЕ ВОЕНАТА ПОМОШ ЗА МАКЕДОНИЈА И ТРИ ДРУГИ ЗЕМЈИ И ЈА ПРЕНАСОЧИ ВО ЛАТИНСКА АМЕРИКА И ПОКРАЈ БЛОКАДАТА НА ДЕМОКРАТИТЕ

    ТРАМП ЈА ОДЗЕДЕ ВОЕНАТА ПОМОШ ЗА МАКЕДОНИЈА И ТРИ ДРУГИ ЗЕМЈИ И ЈА ПРЕНАСОЧИ ВО ЛАТИНСКА АМЕРИКА И ПОКРАЈ БЛОКАДАТА НА ДЕМОКРАТИТЕ„Македонија и САД, сојузништво засновано на доверба, поддршка и пријателство“, напиша премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната Фејсбук објава со фотографијата со Трамп. (Фото: Фејсбук)

    Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, и покрај противењето на водечките демократи во конгресните комисии за надворешни работи, одзеде десетици милиони долари воена помош наменета за европски и блискоисточни земји и ќе им ги додели на конзервативни влади во Латинска Америка, изјавија тројца американски функционери за „Вашингтон пост“.

    Според официјалните лица, кои зборувале под услов да останат анонимни за безбедносни прашања, администрацијата во средата доцна навечер го известила Конгресот дека ја отфрла блокадата и дека 52 милиони долари претходно одобрени за Македонија, Словачка, Тунис и Ирак ќе ги пренасочи кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија. Стејт департментот првично ги соопшти своите намери до Конгресот во септември, по што сенаторката Џин Шахин и конгресменот Грегори Микс ставија формална блокада на пренасочувањето на парите.

    Ова е најнов потег на администрацијата на Трамп за намалување на американските трошоци и војници во Европа и се совпаѓа со ревизијата во Пентагон која може да резултира со намалување и прераспределба на американските воени бази на континентот. Потегот претставува и продолжение на оспорувањето на уставните овластувања на Конгресот за буџетските трошења од страна на претседателот Трамп.

    Во писмото испратено до државниот секретар Марко Рубио, Шахин и Микс оценија дека ваквиот чекор е прекршување на поставената блокада и законските одредби за тоа каде смеат да одат парите. Пренасочувањето на средствата за Македонија и Словачка предизвика особено силно противење бидејќи тие пари беа одобрени во рамките на специјалниот закон за помош поврзан со војната во Украина, наменет токму за земјите погодени од руската инвазија.

    Двата дома на Конгресот ги обезбедија овие средства за конкретна цел, односно за поддршка на Украина и европските сојузници по руската инвазија, наведоа пратениците во писмото до Рубио, додавајќи дека извршната власт нема неограничено дискрециско право да ги пренасочува парите кон неповрзани владини приоритети или други држави. Шахин и Микс велат и дека администрацијата на Трамп не успеала да објасни како испраќањето помош во латиноамериканските земји може да се толкува како одговор на ситуацијата во Украина.

    Конгресот ги одобри овие финансии во 2022 година, на почетокот на војната, кога администрацијата на Џо Бајден вршеше притисок врз европските држави да ѝ испратат оружје на Украина за да се брани, како и врз земјите надвор од Европа да ја прекинат трговијата со руско вооружување. Целта на законот беше да им се помогне на сојузниците да набават американска воена опрема наместо руска, посебно на оние држави што го предадоа своето старо вооружување на Украина. Средствата за Ирак и Тунис беа одобрени со друг закон и не подлежат на истите ограничувања, но одземањето на помошта доаѓа во чувствителен момент за Багдад поради војната со Иран и повлекувањето на американските сили.

    Запрашан за забелешките на законодавците, Стејт департментот за „Вашингтон пост“ одговори дека парите подобро ќе послужат во Латинска Америка согласно надворешнополитичката доктрина на Трамп за ставање фокус врз Западната хемисфера. Од ресорот соопштија дека пренасочувањето на средствата е во согласност со Националната безбедносна стратегија и дека парите ќе се користат за борба против наркотероризмот, обезбедување на Панамскиот канал, зајакнување на безбедносните сојузи и сузбивање на военото влијание на противниците во регионот. Стејт департментот не одговори на прашањата за тврдењата на Шахин и Микс дека одлуката претставува кршење на законските одредби на Конгресот.

    Рубио ќе престојува во Грција следната недела, при што неговото доаѓање во Атина ќе биде првпат актуелен државен секретар лично да застане на чело на американската делегација на Стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција од основањето на овој форум.

    Во Атина, Рубио ќе ја води делегацијата на САД на шестата рунда од Стратешкиот дијалог, со цел да се продлабочи билатералната соработка околу клучните американски приоритети, меѓу кои спаѓаат одбранбените врски, регионалната безбедност и енергетиката.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира