Фирмата „Транс Мет Доо“ од Скопје го доби тендерот за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, соопшти државната компанија АД ЕЛЕМ која стопанисува со електраните во Македонија.
„АД ЕЛЕМ ги извести учесниците во електронската аукција за ископ на јаглен и јаловина за РЕК Битола одржана на 25 август 2017 г. дека најповолната понудена цена на аукцијата изнесувала 44ден/GJ, дадена од страна на правното лице ТРАНС МЕТ ДОО Скопје. Стручните служби на Електрани на Македонија и натаму вршат проверки на целиот процес, кои во следниот период ќе продолжат и по основ на евентуалните жалби на учесниците, за кои законскиот рок изнесува 8 дена. За сите понатамошни фази на процесот јавноста ќе биде известена“, велат од ЕЛЕМ.
„Трансмет Дооел“ на овој тендер понуди рекордно ниска цена, а во минатото за истата работа наплаќала и по 144 денари.
Поранешниот сопственик на „Транс Мет“ Сеад Кочан, е осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, дека со местење на тендери токму за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола го злоупотребил државниот буџет за 17 милони евра. Кочан ја напушти земјата и речиси два месеци не беше достапен за органите на истрагата, откако на 9 март Кривичниот суд му одреди 30 дена притвор. Се врати во државата откако на 14 мај Врховниот суд му ја укина мерката притвор и беше повлечена потерницата издадена за него. На повторното одлучување за притвор, тој даде гаранција од околу 900 илјади евра и го предаде пасошот за да се брани од слобода.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на 28 август изјави дека „Транс Мет“ за ископ на јаловина до вчера наплаќала над 90 денари, а во одредени случаи и 144 денари за ископ за еден гига џул, а сега е спремна да работи за 44 денари.
„Моето прашање е каде завршила оваа разлика во цена и зошто не се постигнувале вакви цени и претходно. Никој не би работел со загуба. Во моментов се разгледуваат сите документи на компаниите кои што учествувале на тендерот вклучувајќи ја и компанијата која понудила најповолна ниска цена. Притоа доколку се најде било каква колизија со законските прописи, нормално компанијата ќе биде одбиена. Но, доколку тоа не се најде јас би се фокусирал на две други прашања, а тоа е прво зошто судот не ја отфрли блокадата на сметката на компанијата кога таа беше под обвинение дека има одредени активности кои не биле во согласност со законот и второ зошто претходното раководство на ЕЛЕМ кога се разоткрија таквите сознанија распиша тендер во кој не издаде негативна референца согласно Законот за јавни набавки, на оваа компанија“ изјави вицепремиерот Анѓушев.
Второрангираната фирма на тендерт на ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, понудила само еден денар повеќе oд „Транс Мет Доо“, односно 45 денари. Со тоа се оневозможува второпласиранта фирма да поднеле жалба поради разлика во понудените цени.
„Опцијата второпласираниот да побара поништување на тендерот ако крајната сума е за 20 отсто пониска од неговата во случајов не е можна, бидејќи второпласираната фирма е многу блиску со сумата и разликата е под 20 проценти. Најниската цена е 44 а највисоката понудена 95 денари. Учесници на тендерот се ‘Транс Мет’, ‘Пелистер’, ‘Гранит’, ‘Марковски компани’ и ‘Мис комерц’“, изјавија минатата недела за САКАМДАКАЖАМ.МК од државната компанија ЕЛЕМ.