ТРЕБА ДА ГО ПОМЕСТИМЕ ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈА, НЕ ДА ГО ПОДИГНЕМЕ, ВЕЛИ ПЕТКОВ

    ТРЕБА ДА ГО ПОМЕСТИМЕ ВЕТОТО ЗА МАКЕДОНИЈА, НЕ ДА ГО ПОДИГНЕМЕ, ВЕЛИ ПЕТКОВБугарскиот премиер Кирил Петков на отворањето на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола минатиот викенд. (Фото: СДК.МК)

    Бугарскиот премиер Кирил Петков вели дека Бугарија треба да го помести ветото за македонските евроинтеграции, а не да го подигне, во интервју за бугарската телевизија „Нова“. Според него, бугарските барања треба да бидат вклучени во преговорите за членство на Македонија со ЕУ и Европа да гарантира дека ќе бидат исполнети.

    „Ние треба да ги качиме на возот за Европа, но критериумите кои што тие треба да ги исполнат да се јасно поставени од нас. Даваме пат на Република Северна Македонија кон Европа, но тој пат е послан со барања и задолженија, јасно определени во преговарачката рамка и на тој начин користиме цела Европа да го гарантира напредокот кој што ние го сакаме како Бугари“, кажа Петков.

    Тој вели дека не може да бидат исполнети сите бугарски барања пред да се подигне ветото.

    „Најглупавото нешто што можеме сега да го направиме е против бугарскиот интерес и ќе се сопнеме. Да бараме сè што сме сакале да се случи, да се случи пред подигнување на ветото. Тогаш националистите ќе ја преземат власта таму и тогаш шансите ни се нула. Сега имаме нормална влада таму и тaa е подготвенa да ги преземе ангажманите со европски договор“, вели Петков.

    Но, бугарскиот премиер вели дека засега нема договор во Бугарија да биде подигнато ветото до јуни, кога е првиот нареден состанок на Европскиот совет и најави гласање за прашањето во бугарскиот парламент.

    „Ништо нема да се направи без да има гласање во парламентот и широка општествена дебата“, рече Петков и потсетува дека Бугарија во 2020 година гласала на Европскиот совет Македонија да биде пуштена во насока на ЕУ, за потоа две години да ја блокира со вето.

    „Ако правата на Бугарите со промената на Уставот се гарантирани од ЕУ, со други зборови промената да биде дел од пакет мерки, кои што се внесени во Договорот на Република Северна Македонија и таа ќе биде задолжена да го промени Уставот на патот за Европа, тоа е веќе еден чекор напред“, кажа Петков.

    Во врска со бугарските барања, конкретно за барањето Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав, претседателот Стево Пендаровски рече дека за тоа прашање може да се разговара, но оти нема гаранции дека некоја наредна влада во Софија ќе нема други барања кон нас.

    „Никој не може да гарантира колку време актуелната политичка гарнитура во Бугарија ќе се одржи на власт и какви следни барања од нас би можела да има некоја наредна. Малкумина се оние кои ќе ви потврдат дека владата на Петков може да издржи 7-8 години, до нашиот формален влез во ЕУ. Од кого да бараме такви гаранции. Политика е ова. Следната влада ќе рече – ова што потпишала претходната влада, биле предавници на нашата кауза, не нѐ интересира. И? Не можеме да го отвораме Уставот по потреба, секој понеделник“, кажа Пендаровски во гостување во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира