ТРЕБА ДА ОСТАНЕ ТОЈ МИНИСТЕР ШТО ПОКАЖАЛ РЕЗУЛТАТИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА НАЈАВЕНАТА ВЛАДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА

    ТРЕБА ДА ОСТАНЕ ТОЈ МИНИСТЕР ШТО ПОКАЖАЛ РЕЗУЛТАТИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА НАЈАВЕНАТА ВЛАДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА„Не се оптоварувам со тој дел, сепак сме  фокусирани на овој дел што значи менаџирање на ковид пандемијата“, вели Филипче. (Фото: Влада)

    Министерот за здравство Венко Филипче смета дека во Владата треба да остане да работи тој кој се пронаоѓа себеси во министерската работа, без разлика кој ресор.

    „Треба да остане тој кој што покажал резултати, а евидентни се критериумите за успех во работата, тоа го прави премиерот. Не се оптоварувам со тој дел, сепак сме  фокусирани на овој дел што значи менаџирање на ковид пандемијата“, одговори денес министерот на новинарско прашање, дали очекува да биде сменет од функцијата.

    Вчера, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека наскоро ќе има трета влада предводена од Зоран Заев и смета дека треба да има одредени кадровски промени меѓу министрите.

    „Сметам дека ќе добиеме наскоро нова влада ‘Заев 3’, дали се тоа двајца, тројца, пет или седум министри што ќе се сменат. Сметам дека Заев ќе остане на неговата лична одлука за повлекување. Треба да има реконструкцијата на владата, без оглед дали ќе влезе нова партија или ќе остане истото мнозинство, сметам дека треба да има одредени промени на кадрите“, изјави Битиќи, кој е истовремено и потпретседател на СДСМ.

    Филипче додаде дека за новата Влада допрва да се разговара, оти тие политички процеси се преговараат со партиите за парламентарното мнозинство, така што тој процес ќе трае.

    „Кога ќе има соодветни одлуки, ќе разговараме, ќе се евалуираат“, рече Филипче на денешната прес-конференција за последните препораки од Комисијата за заразни болести.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира