ТРЕБА ДА СЕ ЗГОЛЕМАТ СИТЕ ПЛАТИ, НО НЕ МОЖЕ ОДЕДНАШ ЗАТОА ШТО ЌЕ СЕ ПРЕДИЗВИКА ИНФЛАЦИЈА, ВЕЛИ ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ ЗА ШТРАЈКОВИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

    ТРЕБА ДА СЕ ЗГОЛЕМАТ СИТЕ ПЛАТИ, НО НЕ МОЖЕ ОДЕДНАШ ЗАТОА ШТО ЌЕ СЕ ПРЕДИЗВИКА ИНФЛАЦИЈА, ВЕЛИ ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ ЗА ШТРАЈКОВИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОРПремиерот Ковачевски вели дека сите граѓани треба да имаат предвид во каква економска состојба се наоѓа светот, а со тоа и земјава. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека треба да се зголемуваат сите плати, но не веднаш и во ист момент, затоа што тоа може да предизвика инфлаторен притисок. Денеска и утре за зголемување на платите протестира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), а Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) најави штрајк од понеделник.

    Ковачевски вели дека продолжуваат разговорите со синдикатите, но, според него, не е добро што веќе се најавени или се организираат штрајкови, затоа што на крај пак ќе мора да се најде решение низ преговори.

    „Сметам дека треба да се зголемуваат сите плати, меѓутоа тоа зголемување на платите треба да се прави низ методолошка рамка којашто нема да биде направена веднаш во еден момент затоа, што тоа може да предизвика дополнителен инфлаторен притисок од кој никој нема да има полза со оглед на тоа што зголемена инфлација само ќе ги изеде приходите коишто ги имаат работниците. Од таа причина и Министерството за труд и социјална политика и вицепремиерот за економски прашања и министерот за финансии и министерот за образование се во постојани разговори со сите синдикати коишто покриваат различни гранки од општеството“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, за време на денешната посета на реновираниот оддел за онкологија на ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести.

    Премиерот вели дека ги замолил сите синдикати кои учествуваа во социјалниот дијалог, минималната плата да не биде причина за отпочнување на протести во однос на зголемувањето на платите.

    „Зошто? Затоа што тоа се работниците коишто работат во фабрики, кои работат во услужни сектори, кои доминантно работат со 85 до 90 проценти од сите вкупно вработени на минимална плата во приватниот сектор. Тој приватен сектор ги плаќа платите на сите коишто работат во јавниот сектор. Јавниот сектор има 138 илјади вработени. Тие 138 илјади вработени ги примаат своите плати благодарение на придонесите, на даноците коишто ги плаќа приватниот сектор. И тоа не треба да биде причина да се врши притисок и да се прават протести“, изјави Ковачевски, додавајќи дека сите граѓани треба да имаат предвид во каква економска состојба се наоѓа светот, а со тоа и земјава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира