ТРЕБА ЛИ НЕКОМУ ДОМА ДА МУ СЕ СЛУЧИ КОРОНАВИРУС, ЗА ДА СЕ ПРЕСТАНЕ СО ПОЛИТИКАНСТВО, ПРАШУВА АКАДЕМИК КАМБОВСКИ

    ТРЕБА ЛИ НЕКОМУ ДОМА ДА МУ СЕ СЛУЧИ КОРОНАВИРУС, ЗА ДА СЕ ПРЕСТАНЕ СО ПОЛИТИКАНСТВО, ПРАШУВА АКАДЕМИК КАМБОВСКИВо време на криза, може да не важи ништо што важело до сега, но важат моралните закони, етиката, сожалување, солидарноста... - академик Владо Камбовски (Фото: СДК.МК)

    Со фотошопирање и вметнување на друг текст и користење на исти фонтови на букви како што користи Владата во објаснување на мерките за справување со кризата, на социјалните мрежи се појавија објави што можат да доведат до забуна, бидејќи визуелно се манипулира со она што го презентира Владата на граѓаните. Обвинителството вели дека не може да преземе ништо бидејќи не постои  кривично дело „Ширење паника и лажни вести во време на криза“.

    Овие графички финти со алатката „фотошоп“ го прави дури и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, користејќи го владиниот формат за презентација на мерките, со тврдење дека Владата ќе ги изигра граѓаните и дека не е способна со мерките да го заштити стопанството во економската криза поради пандемијата со коронавирус.

    Пратеничка Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ објави на Фејсбук дека лидерот на СДСМ Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче се „тандем и сигурен билет за смртта“ со објава на фотошопирани фотографии со изменет текст од владините објави, но со истиот графички дизајн што го користи владата, што може да ги доведе до забуна нејзините следачи на социјалните мрежи. Слични скриншотови објавија на официјалните фејсбук профили и некои општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.

    Од вчера на каналот Јутјуб се врти и рекламен спот, во стилот на партиски предизборен спот со траорна музика против министерот за здравство Венко Филипче и лидерот на СДСМ Зоран Заев со тврдењето дека во Македонија има најмалку тестирани на коронавирус во регионот.

    Со оглед дека не постои кривично дело „Ширење паника и лажни вести во време на криза или пандемија“, Јавното обвинителство вели дека нема да се меша во партиските препукувања и остава на совеста на секоја од нив како ќе постапи во ситуацијата – државниот обвинител Љубомир Јовевски (Фото: СДК.МК)

    Академик Владо Камбовски, кого го контактиравме да појасни дали навистина не може кривично да се одговара за ширењето на паника со манипулација вели дека е „надвор од памет некој да тера политиканство во време на пандемија“. Тој вели дека во време на криза како што е оваа со коронавирусот, масовно раширена во целиот свет, може и да не важи ништо што важело до сега, но нормално е да „важат моралните закони“.

    „Секаде во светот во ваква пандемија стапуваат на сила основните човекови закони, а тоа се етичките, хуманите закони, сожалување и законите на солидарност. Сè друго е промашена тема. Што треба да се случи, не дај боже некому дома да му се случи зараза, за да се престане со политиканство?“, вели професорот по кривично право академик Камбовски.

    Тој смета дека откако ова ќе заврши, ништо веќе во државата не смее да остане како порано.

    „Ништо повеќе не смее да биде како порано. Ако тоа ние не го направиме, ќе останеме хронично болни од КОВИД-19. Сфативме дека без здравство и образование, кои се основите на системот, ние сме ништо. Ако се разболат од коронавирус, ќе немаме лекари, нема кој да нè лечи. Небитни се и партии и сè друго. Не може да се остави некој 30 години да го краде и уништува здравството. Веројатно партиите ќе се опаметат на крајот“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Владо Камбовски.

    Владата сподели скриншоти од објавите на пратничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска и ОК Карпош на социјалните мрежи. (Фото: Фејсбук/Влада)

    Со оглед дека не постои кривично дело „Ширење паника и лажни вести во време на криза или пандемија“, Јавното обвинителство вели дека нема да се меша во партиските препукувања и остава на совеста на секоја од нив како ќе постапи во ситуацијата, односно на нивната борба со аргументи пред граѓаните. Но, вели дека будно ја следи ситуацијата во однос на нивните намери и за евентуалните последици што би го засегнале Кривичниот законик.

    „Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ги следи и проучува сите настани во врска со пандемијата со коронавирус“, вели Државниот обвинител Љубомир Јовески.

    Засега Владата само со соопштение, доцна синоќа, замоли во име на јавниот интерес, партиските ограноци и функционери да престанат со ваквите постапки.

    „Во време на криза, кога сите се бориме за спас на здравјето и на работните места, партиски ограноци и функционери фалсификуваат владини мерки, го злоупотребуваат грбот на државата, дезинформираат, шират лаги и креваат паника. Во име на јавниот интерес, престанете!“, напиша доцна синоќа Владата, без да именува на чии партиски ограноци и функционери мисли.

    Претседателот Стево Пендаровски на 13 март пред објавувањето на вонредната состојба предупреди дека се регистрирани неколку обиди за ширење на лажни вести во врска со коронавирусот, со цел да се предизвика паника кај граѓаните. „Имаше неколку обиди за организирано и планско ширење лажни вести, со цел да се предизвика паника кај населението. Не од незнаење или непрофесионалност, туку дополнително да се влоши ситуацијата во земјава и да се изгуби вербата на граѓаните во институциите“, рече тогаш претседателот Пендаровски.

    Два дена претходно, на 11 март Министерството за внатрешни работи (МВР) ги предупреди корисниците на социјални мрежи да не споделуваат и шират непроверени, односно лажни вести околу коронавирусот, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. Од МВР велат дека таквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани, затоа што на тој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника.

    До сега никој не е казнет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира