Откако ги смени шестемина потпретседатели и генералниот секретар Александар Кирацовски, лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев вечерва доцна по завршувањето на седницата на Централниот одбор најави дека ќе оди со избор на нова Влада.
„Тргнавме од внатре, од моите партиски другари. Никој од нас не е непроменлив. Ќе дојдат нови луѓе, верувам во нив. За реконструкцијата на владата во јуни, еве првпат откривам, ќе биде сменета една третина од неа, што значи, ќе одиме со избор на нова Влада“, рече Заев.
Се заблагодари и на тројцата секретари, Александар Кирацовски, Миле Зечевиќ и Дане Талевски и веднаш го претстави до него новиот генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски.
Тука Заев ја соопшти првата реконструкција во кабинетот од вечерва всушност.
„Љупчо Николовски нема да биде повеќе министер за земјоделие, се консултирам со граѓаните кој ќе дојде на неговото место. Тој е еден од моите успешни министри, но сега ќе мора да се врати чекор назад и темелно да ја реорганизира партијата“, кажа лидерот на СДСМ.
Николовски најави дека како генерален секретар тој со Заев и органите на партијата кои ќе се комплетираат во јуни (бидејќи вечерва падна и највисоко партиско тело, Извршниот одбор на СДСМ), ќе бараат во иднина отчет од секој министер, директор, градоначалник, од секое избрано и именувано лице.
Заев ѝ се заблагодари и на координаторката на Форумот на жени на СДСМ Цветанка Ласкова.
Рече дека партијата продолжува да биде управувана од него како лидер, од Централниот одбор на партијата, со заменикот-претседател Радмила Шеќеринска и генералниот секретар Николовски.
С. К. ДЕЛЕВСКА