Министерстото за внатрешни работи поднесе три прекршочни пријави против Диме Спасов, дополнителниот заменки министер за труд и социјална политика, за сообраќајната несреќа од минатиот петок, кога со службен Фолксваген Туарег удри две возила и побегна откако беше запрен од полицијата, соопшти министерот Оливер Спасовски.
МВР го товари Спасов за напуштање на местото на сообраќајните несреќи и неизвестување на полицијата, непостапување по наредбите на униформирани полициски службеници и за неприспособување на брзината на условите на патот. Пријавите се прекршочни затоа што причинетата штета во сообраќајките не е на ниво за да бидат кривични, информираше Спасовски.
„Сопатничката Т.К. своерачно потпишала изјава дека Д.С. го управувал возилото и дека немало други дејствија, како бркање, тропање по возилото и слично“, изјави Спасовски на денешната прес-конференција, а во врска со изјавата на Спасов за „ТВ Нова“ дека бил бркан и дека почувствувал напад додаде:
„Веднаш по сударот, возачот на Пасатот пријавил на 192 и постои аудио снимка од разговорот со операторот од МВР кој трае се до запирање на Туарегот од страна на полицијата“.
Спасовски кажа дека се уште се преземаат дејствија по поплаката што ја поднел Диме Спасов на распитот во полициската станица Карпош во саботата.
Возилото кое го управувал Спасов е во сопственост на Агенцијата на вработување. Министерката за труд и социјалната политика, Фросина Ташевска Ременски завчера најави и кривични пријави за директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски и дополнителниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов, бидејќи, според неа, Правилникот на АВРМ не дава можност Поповски да дал овластување за користење на возилата на лица кои не се вработени во Агенцијата.