ТРИФУН КОСТОВСКИ БАРА НАРОДНА БАНКА ДА ЈА ПОВЛЕЧЕ ОДЛУКАТА ЗА СТЕЧАЈ НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА

    ТРИФУН КОСТОВСКИ БАРА НАРОДНА БАНКА ДА ЈА ПОВЛЕЧЕ ОДЛУКАТА ЗА СТЕЧАЈ НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКАИако повлекување на стечај не е можно според Законот за банки, акционерот во Еуростандард банка Трифун Костовски смета дека не може законот да биде над интересите на граѓаните. (Фото: К. Попов)

    Бизнисменот Трифун Костовски во отворено писмо до јавноста денеска ги повика сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народната банка да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба. Иако такво повлекување на стечај не е можно според Законот за банки, тој смета дека не може законот да биде над интересите на граѓаните.

    „Јас, Трифун Костовски, еден од акционерите на Еуростандард банка, јавно ги повикувам сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народната банка на Република Македонија да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба. Легалистите би рекле дека ваквото повлекување на стечајна постапка не е можно во согласност со Законот за банките. Сакам да ве убедам дека не може законот да биде над интересите на граѓаните. Потенцијални купувачи на банката се спремни да вложат сериозни средства и да го овозможат нејзиното работење во банкарскиот сектор“, вели Костовски.

    Костовски во писмото наведува неколку последици од стечајот на Еуростандард банка, како вознемиреност на клиентите, пензионери нема да можат редовно да ги добиваат пензиите, масовни отпуштања во банката и во Македонска пошта и недоверба во банкарскиот систем.

    Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка на 12 август, а потоа надлежниот суд отвори стечајна постапка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира