Тројца од пациентите кои се лекуваа во земјава по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ вчера се испратени на домашно лекување, а утре се планира да се испишат уште тројца, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Министерот кажа дека сите пациенти кои се лекуваат во Македонија и во странските центри се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат.
„Од вкупно 20 што беа критични, денеска констатиравме дека 10 се потешки, но и тие се стабилни, надвор од животна опасност“, кажа Таравари.
Во земјава се лекуваат 72 пациента, а надвор 101.
„Вчера се испратени помал број пациенти, денеска има понуди од повеќе држави, но ќе видиме, можеби максимум 10 да се испратат, а можеби и не. Се надевам од следната недела ќе ве известуваме за поголем број на пациенти испратени на домашно лекување, како и за враќање на некои од пациентите во странство“, кажа Таравари на денешната прес-конференција.
На 16 март, во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица од кои три се малолетници. Денеска ќе бидат погребани жртвите.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски вчера рече дека натамошните фази се висоспецифични и бараат специфично искуство и затоа се решиле да се праќаат пациенти во странство.
„На еден пациент во Солун веќе му е извршена трансплантација на кожа на рацете. Веќе сме во контакт со Фондација од Холандија која има банка на кожни графтови за да донесеме кожни графотви во Македонија за да почнеме да ја размислуваме реконструктивната фаза“, кажа Клековски.
Б. НЕСТОРОСКА