ТРУДНИЦА ОБВИНУВА ДЕКА ГИНЕКОЛОГИЈА ЧАИР ПРИМАЛА НЕЗАКАЖАНИ МАКЕДОНКИ И АЛБАНКИ, А НЕЈЗЕ ВО ЛОША СОСТОЈБА ЈА ОСТАВИЛЕ ПОСЛЕДНА ЗАТОА ШТО Е РОМКА

    ТРУДНИЦА ОБВИНУВА ДЕКА ГИНЕКОЛОГИЈА ЧАИР ПРИМАЛА НЕЗАКАЖАНИ МАКЕДОНКИ И АЛБАНКИ, А НЕЈЗЕ ВО ЛОША СОСТОЈБА ЈА ОСТАВИЛЕ ПОСЛЕДНА ЗАТОА ШТО Е РОМКА„Место да ме прими дежурниот лекар, мене ми донесоа леген за да чекам до недоглед и пред сите да повраќам“, раскажува Сенада Јашар, која во осмиот месец на бременоста била оставена последна за преглед во чекалната на Гинекологија Чаир. (Фото: СДК.МК)

    Со 183 решени случаи за дискриминација, за половина година откако работи со минимални и ограничени финансии од државата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација станува се побарана и подоверлива институција каде граѓани кои се почувствувале нееднакви, дискриминирани и онеправдани, бараат помош и правда.

    Државата ги остави сами шесте члена уште на почетокот. Тие мораа  од свој џеб да ја платат регистрацијата на Комисијата во Централниот регистар, дрвениот печат да си го купат сами, ги остави да работат со свои компјутери од дома, необезбедувајќи им простории за работа. А Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КЗСД) ја избра Собранието. Ја разоружа дополнително со тоа што ѝ го скуси буџетот трикратно од тоа што го побараа за нормално функционирање, за уште да не го бира седмиот член, знаејќи дека на младата институција и тоа како ѝ фалат вработени. Дури по иселувањето на Антикорупциската комисија, државата ѝ ги даде на КСЗД овие простории во трајно владение, но руинирани. Притоа, за обнова на електричната и водоводната инсталација пари – не ѝ дава.

    И Комисијата и Мрежата за заштита од дискриминација, бараат неизбраниот седми член да биде по систем на заслуги, но мнозинството во Парламентот сака да избере член по партиска поданост. Од февруари Комисијата е со празно столче, а Собранието тоа воопшто не го интересира.

    „За разлика од таквиот однос на Собранието, Комисионерите во соработка со Мрежата, добија стручни обуки за работа и постапување со маргинализирани групи, и тоа и годинава ќе продолжи“, вели Елена Петровска, проектна координаторка на Мрежата за заштита од дискриминација.

    Поради службени обврски деновиве не успеавме да добиеме конкретен одговор од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, кога мисли Собранието да го избере седмиот член и да ѝ овозможи на Комисијата полн капацитет за работа. Дотогаш, место најсилен поддржувач и нејзин грб, 120-те пратеници остануваат нејзин најголем кочничар.

    За ова кратко постоење Комисијата по поднесени претставки од граѓани и здруженија утврдила неколку случаи на извршена дискриминација против директорката на Агенцијата за вработување на РСМ, вознемирување од градоначалникот на Струга, повеќе случаи на дискриминација и вознемирување врз Роми од страна на ЈСП Скопје врз основа на етничка припадност и раса, против кафеани, базени и спортски клубови врз основа на етничка припадност и боја на кожа, против фирми за дискриминација врз основа на пол, при вработување, по поднесени претставки од машки лица…

    КЗСД меѓутоа утврдила дискриминација и од државни институции кои треба најмногу да ги штитат граѓаните, како што се Државната изборна комисија за која има за овие неколку месеци 4 мислења дека дискриминирала граѓани. Таа им го ускратила избирачкото право на граѓани кои меѓу два изборни круга наполниле 15 години, на тие на кои им истекла важноста на личните карти меѓу прв и втор изборен круг, на лицата со попреченост…Утврдена е дискриминација и од Основниот кривичен суд Скопје и од Основниот суд Кавадарци и неговиот претседател, по претставки поднесени од вработен во судот, односно од кандидати кои се пријавиле на оглас за вработување.

    Во две постапки Комисијата донела мислење за сторена директна дискриминација кон свои вработени и од страна на СВР Куманово, од кои едната е поради политичка определба, а другата од областа на работа и работни односи.

    Многу претставки доаѓаат од маргинализираните групи, за дискриминација по основ на сексуална определба и род. Комисијата утврдила дискриминација од страна на здружение на граѓани од Битола по основ на сексуална ориентација, против портал со вознемирувачка содржина и против уште две лица за објави на фејсбук со грозна и вознемирувачка содржина против ЛГБТ луѓето, по основ на родов идентитет, сексуална ориентација и припадност на маргинализирана група.

    Пред Комисијата доби случај и трансродова жена, за дискриминирачки однос кон неа од страна на амбуланта во Јегуновце. Претставката ја поднесе невладината „Маргини“.

    Комисијата секако има и случаи по поднесени претставки каде што не нашла дискриминација, но и отфрлени, каде најчесто била ненадлежна или се работело за многу стари настани.

    Мрежата за заштита од дискриминација која ја сочинуваат 11 организации, реагираат на два случаја за кои Комисијата не утврдила (ни индиректна)дискриминација, а тие сметаат дека и тоа како подносителите биле дискриминирани. Овие организации имаат меморандум за соработка со Комисијата, веќе им одржаа на шестемина членови обука како полесно да препознаат дискриминација на граѓани по разни основи, но укажуваат дека тоа не е доволно. Сметаат дека државата треба да им обезбеди ресурси, стручен тим со преземање вработени од администрацијата, буџет со кој би ги промовирале правата на граѓаните, себе си како Комисија, капацитет за натамошни обуки за препознавање на случаи на нееднаков третман на граѓаните.

    „Комисијата, работејќи по законите за предметните претставки, мора да воочува дека и законите се тие што ги дискриминираат граѓаните“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

    Како пример Маргарита Глигуроска, правна советничка во невладината ХОПС, го посочува случајот со претставката на лице кое се лекува од хепатит Ц, која поради болеста, била одбиена за приватно здравствено осигурување од страна на осигурителна компанија.

    Меѓутоа КСЗД тука не утврдила ни индиректна дискриминација. А Законот самиот по себе е дискриминирачки и вели дека само здрави лица може да добијат приватно осигурување, зашто тоа го загрозувало профитот на осигурителните компании.
    Комисијата, одејќи по нормите во Законот за доброволно здравствено осигурување, не видела дискриминација врз подносителката по основ на здравствена состојба.

    „Комисијата утврди дека подносителката воопшто не била во системот на задолжително здравствено осигурување, што е услов да биде осигуреник во приватно здравствено осигурување. Натаму, во посебните услови во Законот, предвидено е дека може да се осигураат ЗДРАВИ лица, членови на семејството од една до 64 години, кои истовремено се во системот на задолжителното здравствено осигурување (осигурени и на ‘државно’). Здраво лице се смета лице или член на семејство, кое во момент на склучување на договорот за приватно осигурување е животно активно и работно активно, нема психофизички потешкотии, не користи медицинска терапија и кое немало претходна здравствена состојба. Комисијата смета дека осигурителната компанија го искористила со закон даденото право – избегнување на секој потенцијален висок ризик, што може да ја доведе до финансиски загуби. Компанијата правилно постапила, применувајќи ги одредбите и не извршила дискриминација“, стои во образложението на КСЗД.

    „Членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација треба да излезат од ригидното толкување на законите и похуманистички и пошироко да ги гледаат“, вели Маргарита Глигуроска, правна советничка во невладината ХОПС. (Фото: СДК.МК)

    Глигуроска не се согласува и укажува дека проблем во случајов има како во прописите, така и во согледувањата на Комисијата.

    „Ако сметаа дека нема директна, членовите можеа да утврдат индиректна дискриминација. Нас државата не нè тера да пополнуваме прашалници дали сме болни или здрави, како што е регулативата на осигурителните компании, туку нè осигурува за месечни 1.500 денари. Поголем проблем е што Комисијата акцент става на профитот на осигурителната компанија, а не на правото на подносителката. Го смета профитот за оправдана цел! Членовите на Комисијата треба да излезат од ригидното толкување на законите и похуманистички и пошироко да ги гледаат“, вели Глигуроска.

    Таа смета дека на членовите на Комисијата им се потребни обуки, но најмногу непосреден контакт со луѓе од маргинализираните заедници. Треба непосредно да ги чујат проблемите со кои тие се соочуваат. Нема подобра обука од ова, уверена е советничката од ХОПС.

    Тона Карева од Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи укажува на друг случај на неутврдена дискриминација врз бремена жена – Ромка и забележува дека Комисијата премногу верба дала на лекарите, во случајов од Гинекологија Чаир, а ја исклучиле вербата во сведочењето на жената и на нејзината мајка.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ѝ се обрати на подносителката на претставката Сенада Јашар од Скопје, која раскажа што доживеала летото во осмиот месец на бременоста, во чекалната на Гинекологија Чаир.

    „Цела ноќ повраќав. Со мајка ми отидовме во болницата. Таму чекаа две жени со породилни болки и уште две без болки, кои не беа Ромки. Требаше да влезам по првите две, зошто не се чувствував добро. Место да ме прими дежурниот лекар, мене ми донесоа леген за да чекам до недоглед и пред сите да повраќам. Лекарот излезе и на едната од жените без болки ѝ рече:’Ај да се качиме горе и да те прегледам’. Го чекам јас, тој и втората ја прими. Чекам уште 15-ина минути, повраќам, стомак до заби, едвај стојам и едвај постојам, од болки и мачнина се расплакав. Му се обратив:’Докторе не е коректно, ве чекам, не ми е добро, а вие си разговарате за термини за операција’. Ми се развика и почна да ми се заканува:’Е сега, ќе си ја чекаш докторката од операциона сала да те прегледа!’ Му реков претставка дека ќе му поднесам, ми одговори:’Пријави ме кај сакаш!’. Мајка ми му се обрати, а тој ѝ кажа: ‘Марш стоко! Надвор, да не те гледам тука!’. Дојде докторката, кусо ме виде, прегледа, но место таа, се потпиша докторот на извештајот“, раскажува Јашар.

    „Како ќе ги заштитиме маргинализираните ако не ги слушаме што зборуваат?“, прашува Тона Карева од Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи. (Фото: СДК.МК)

    Потоа таа и мајка ѝ се упатиле на ГАК во т.н. Државна болница. Таму била прегледана комплетно и како што Сенада Јашар вели, достоинствено и професионално. Се породила на ГАК, презадоволна е од односот на медицинскиот персонал.

    Карева укажува дека во овој случај сите Македонки и Албанки завршиле работа, а бремената Ромка не. Нејзината забелешка е дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација не успеала правилно да го искористи феноменот на префрлување на товарот на докажување. Ги ислушала само лекарот и болницата, кои објаснуваат дека таа ноќ имало огромна гужва од пациенти, дека огромен број од пациентките во болницата се Ромки, дека подносителката била прегледана. Комисијата прифаќа одбрана од болницата дека изјавата на Јашар не била потпишана, но воопшто не ја зела предвид дополнителната изјава на мајката.

    „Комисијата треба да ја има предвид состојбата на маргинализираните. Мора да ги чита нивните изјави. Како ќе ги заштитиме маргинализираните ако не ги слушаме што зборуваат?“, прашува Карева.

    Претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Весна Бендевска, пак, на инсистирање на САКАМДАКАЖАМ.МК, издвојува случај на дискриминација кој неа најмногу ја погодил.

    „Има случај што ме трогна највеќе за овие месеци. Работевме на еден многу специфичен случај. Станува збор за осудено лице со 100-процентна инвалидност. Осуден е на кривично дело на 7 години затвор. Ниту една од нашите затворски институции нема капацитет да смести на издржување на толку долга казна лице во таа кондиција. Лицето е со 100-процентен инвалидитет и со потреба од 24-часовна нега, од помош од туѓо лице и дефинитивна потреба од секундарно и терцијално здравство, медицинска нега. Лицето во овој момент издржува затворска казна во невидени услови во затворот Идризово. Ние извршивме увид и разговаравме со тоа лице, бидејќи од Управата за извршување на санкциите ни беше кажано дека тоа одбива да биде преместено во полуотворено одделение, каде што има попристојни услови. Точно е дека лицето одбива, но одбива само заради тоа што единствено лице што му помага во неговите активности, е неговиот брат, со кого заедно се во затвор“, раскажува Бендевска.

    Граѓаните трпат најмногу дискриминација во областа на работа и работни односи, вели претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Весна Бендевска. (Фото: СДК.МК)

    Таа укажува дека меѓународните стандарди велат оти ако затворските установи не може да обезбедат минимум хигиенско-здравствени и основни хумани услови за издржување на затворска казна, тоа Европскиот комитет за заштита од тортура го смета за тортура и нечовечко понижување.

    „Утврдивме дискриминација. Јас се надевам и очекувам дека надлежните ќе постапат и ќе го решат проблемот, зашто ако Европскиот комитет одлучи да изврши вонреден надзор, ние нема да добиеме добри оценки“, предупредува Бендевска.

    Сè уште граѓаните трпат најмногу дискриминација во областа на работа и работни односи, вели таа.

    „И се разбира, дискриминацијата преку говорот на омраза и вознемирување на социјалните мрежи, каде што таргет се маргинализираните лица со различна сексуална ориентација. Маргинализираните групи се дискриминирани, ќе ни треба огромна работа за подигнување на јавната свест дека и овие лица ги имаат истите права како и сите граѓани“, загрижена е претседателката на младата Комисија, која стреми да ги земе под закрила сите граѓани на оваа држава кои трпат секојдневно нееднаков третман, оневозможено им е да ги уживаат основните човекови права и слободи и се дискриминирани по секаков можен основ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира