ЦАРИНА ЌЕ ГО ЧЕКА ТРАЈКОВСКИ ДА СЕ ВРАТИ ОД ПРОШЕТКАТА СО ГРУЕВСКИ ВО БУДИМПЕШТА ЗА ДА УТВРДИ ДАЛИ Е БОЛЕН

    ЦАРИНА ЌЕ ГО ЧЕКА ТРАЈКОВСКИ ДА СЕ ВРАТИ ОД ПРОШЕТКАТА СО ГРУЕВСКИ ВО БУДИМПЕШТА ЗА ДА УТВРДИ ДАЛИ Е БОЛЕНАлександар Трајковски, вработен во Царинската управа и советник во Општина Гази Баба, покрај Груевски е еден од обвинетите во случајот на СЈО „Насилства и шамари во Центар“ и на 17 декември треба да се јави во судот на закажаното рочиште (Фото: К. Попов)

    Царинската управа вели дека нивниот вработен Александар Трајковски, кој на 11 декември беше фотографиран со избеганиот и осуден експремиер Никола Груевски во Будимпешта, на петти декември кај раководителот пријавил дека е на боледување и дека ќе чекаат да се врати за да проверат дали станува збор за злоупотреба на боледувањето. Трајковски е и советник во Општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

    САКАМДАКАЖАМ.МК побара одговор од Царинската управа дали побарале од Фондот за здравство да провери дали е почитувана постапката за издавање на боледувањето, бидејќи согласно законските одредби боледувањето до 30 дена го плаќа работодавачот, а над 30 дена надоместот го плаќа ФЗОМ.

    Фотографијата снимена во Будимпешта на која се Груевски и Трајковски, на 11 декември се прошири на социјалните мрежи.

    „Во врска со доставените прашања, информираме дека надлежните служби во Царинската управа го испитуваат случајот и штом ќе имаме веродостојни информации, ќе ве известиме“, велат од Царинската управа и додаваат дека согласно Колективниот договор, вработениот по враќање од боледувањето е должен во рок од два дена да достави до работодавачот Извештај за привремена спреченост од работа.

    „Доколку постои сомнеж за злоупотреба на боледувањето, согласно актите на Царинската управа е предвидена процедура за водење на дисциплинска постапка. Според член 81 од Законот за работни односи, предвидено е дека работодавачот може да го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обрските утврдени со закон, Колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување е со отказен рок е особено ако: поради оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа не го извести непосредниот раководител“, велат од Царинската управа.

    Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) вели дека откако ќе добијат барање од Царинската управа за да го проверат боледувањето на Трајковски ќе ги направат потребните активности предвидени со закон.
    Од ФЗОМ појаснуваат дека соред законските прописи, во случај кога боледувањето е до 30 дена надоместот за него го плаќа работодавачот, и за да направат контрола на издаденото боледување до нив треба да се обрати работодавачот.

    Трајковски, покрај Груевски, е и еден од обвинетите во случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Насилства и шамари во Центар“ и на 17 декември треба да се јави во судот на закажаното рочиште.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира