ЦАРИНАТА ГО КАЗНИ СО 600 ЕВРА ХРВАТОТ КОЈ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СЕ ОБИДЕ ДА ШВЕРЦУВА ЛЕЌИ, ИНСТРУМЕНТИ И МАТЕРИЈАЛИ ЗА ОЧНА ХИРУРГИЈА

    ЦАРИНАТА ГО КАЗНИ СО 600 ЕВРА ХРВАТОТ КОЈ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СЕ ОБИДЕ ДА ШВЕРЦУВА ЛЕЌИ, ИНСТРУМЕНТИ И МАТЕРИЈАЛИ ЗА ОЧНА ХИРУРГИЈА„Проценетата вредност на непријавените офталмолошки производи, односно леќи, сетови за имплантација на леќи, гелови, сетови за катаракта, медицински ножици, пинцети, инјектори, фластери, медицински фломастери и тампони изнесува 658.734 денари“, велат од Царинската управа (Фото: ЦУ)

    Царинската управа му изрекла глоба од 600 евра на хрватскиот државјанин кој на 23-ти минатиот месец на аеродромот Скопје се обидел да шверцува офталмолошки производи, инструменти и материјали за очна хирургија во вредност од 10.700 евра.

    Според информациите од Царинската управа лицето со иницијали Н.И.Г., кое има 57 години на 23-ти минатиот месец патувало на релација Загреб-Скопје со вечерен лет на авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“.

    „Кај хрватскиот државјанин пронајдени се 394 офталмолошки производи, инструменти и материјали за очна хирургија, односно леќи, сетови за имплантација на леќи, гелови, сетови за катаракта, медицински ножици, пинцети, инјектори, фластери, медицински фломастери, тампони и други производи. Проценета вредност на непријавените офталмолошки производи изнесува 658.734 денари. На лицето му е изречена глоба во износ од 600 евра, како и посебна прекршочна мерка одземање на стоката предмет на сторениот прекршок“, велат од Царинската управа.

    Пропишана глоба за ваков вид на царински прекршок сторен од физичко лице се движи од 500 до 1.500 евра во денарска противвредност. Според Законот за прекршоци ако физичко лице стори ист или сличен прекршок во период од 2 години, истото се смета за отежителна околност и во таков случај за сторениот прекршок му се изрекува повисока глоба во рамките на пропишаната со законот, а за сторители правни лица глобата се зголемува за 10 отсто.

    „Во конкретниот случај, Комисијата утврди дека Н.Г. од Загреб претходно нема сторено царински прекршок“, велат од Царинската управа.

    Царинската управа информираше дека на граничниот премин Богородица во возило на лицето Д. Д од Прилеп, при контрола се откриени 93 очила со диоптер.

    „За влез во државата се пријавиле тројца македонски државјани. Непријавените производи пронајдени се под возачкото и совозачкото седиште, во нов неупотребуван куфер во багажниот простор, во неколку најлонски кеси во страничниот простор за прва помош и алат и во просторот за резервна гума на возилото. Вредноста на стоката изнесува 36.549 денари, а избегнатите давачки се во вредност од 13.048 денари. Очилата се времено одземени, а против лицето е поведена прекршочна постапка“, велат од Царинската управа.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира