ЦАРИНАТА СПРЕЧИ ОБИД ЗА ШВЕРЦ НА ОБВРЗНИЦИ ОД 92 МИЛИОНИ ЕВРА, ТУРСКИОТ ДРЖАВЈАНИН Е ОСУДЕН, А ХАРТИИТЕ ОД ВРЕДНОСТ КАЈ АГЕНЦИЈАТА ЗА ОДЗЕМЕН ИМОТ

    ЦАРИНАТА СПРЕЧИ ОБИД ЗА ШВЕРЦ НА ОБВРЗНИЦИ ОД 92 МИЛИОНИ ЕВРА, ТУРСКИОТ ДРЖАВЈАНИН Е ОСУДЕН, А ХАРТИИТЕ ОД ВРЕДНОСТ КАЈ АГЕНЦИЈАТА ЗА ОДЗЕМЕН ИМОТИстрагата продолжува, вели директорот Богоев, за да се утврди дали има измама и обид за перење пари (Фото: К. Попов)

    Цариниците на Меѓународниот аеродром Скопје заплениле 184 скриени хартии од вредност во вкупен износ од 92 милиони долари, а случајот е документиран за неколку дена и со судска пресуда, соопшти денеска на вонредна прес-конференција  директорот на Царинската управа Стефан Богоев. Ова досега е рекордна заплена на обврзници кај нас.

    „Царинските службеници од Царинската испостава Аеродром Скопје на 28 минатиот месец на влез во државата запленија 184 обврзници со поединечна номинална вредност од 500 илјади долари или со вкупна вредност од 92 милиони долари. Тие се најдени кај патник, турски државјанин, кој пристигнал со редовен лет од Истанбул и кој се определил да помине на зелен канал, кај случаите кои немаат стока за пријавување. Но, при контролата со скенер и со дополнителна детална контрола овие хартии од вредност се најдени во четири папки во црна рачна торба“, кажа Богоев.

    Одземените обврзници се одземени со судска пресуда и се дадени на Агенцијата за управување со одземен имот.

    Секторот за контрола на истраги веднаш почнал со истражни дејствија, а биле известени и консултирани релевантните национални и меѓународни институции вклучително Интерпол и СЕЛЕК.

    „Согласно Законот за царинско работење и Законот за прекршоци, Царинската управа поднесе соодветна пријава до надлежниот суд. По завршената судска постапка, Основниот суд Скопје денес донесе пресуда со која се одземени обврзниците, а на лицето му е изречена парична казна глоба врз основа на Законот за девизно работење“, кажа директорот на Царина.

    Тој додаде дека истрагата од Царинската управа продолжува со отворање на финансиска истрага во соработка со сите органи на прогонот и други надлежни органи на национално и на меѓународно ниво, со цел да се расветли случајот и да се види дали тука се работи за измама и за обид за перење пари.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира