ЦЕЛ МЕСЕЦ УЈП НЕ МОЖЕ ДА ГИ ОСПОСОБИ НОВИТЕ СЕРТИФИКАТИ ЗА ИСПЛАЌАЊЕ ХОНОРАРИ

    ЦЕЛ МЕСЕЦ УЈП НЕ МОЖЕ ДА ГИ ОСПОСОБИ НОВИТЕ СЕРТИФИКАТИ ЗА ИСПЛАЌАЊЕ ХОНОРАРИОд УЈП велат дека пристапиле кон прилагодување на системот Е-ПДД, но не кажуваат кога ќе биде надминат проблемот. - Директорката Сања Лукаревска (архивска фотографија)

    Компаниите не можат да исплаќаат хонорари преку системот на Управата за јавни приходи од средината на јуни. Станува збор за проблем со усогласувањето на новите сертификати што ги издава клириншката куќа КИБС со системот Е-ПДД на УЈП, па така со новите сертификати може да се потпишуваат фактури, пресметки и ДДВ преку e-tax, но не може да се потпишуваат рекапитуларите преку Е-ПДД за хонорари и персонален данок.

    Од УЈП велат дека пристапиле кон прилагодување на системот Е-ПДД, но не кажуваат кога ќе биде надминат проблемот.

    „Ве известуваме дека од издавањето на нови сертификати од страна КИБС, Управата за јавни приходи пристапи кон прилагодување на системот Е-ПДД, за да може даночните обврзници електронски да потпишуваат пријави. Во меѓувреме, додека трае усогласувањето на УЈП со промените предизвикани од издавањето на новите сертификати од страна на КИБС, заради надминување на проблемот, за корисниците кои имаат потреба да потпишуваат пријави во Е-ПДД, КИБС врши замена со тоа што на корисниците им издава токен што ја содржи претходната верзија на сертификатот“, ни одговорија од УЈП за проблемот.

    Од КИБС велат дека засега сè што може да направат е бесплатно да им го реиздадат стариот сертификат на компаниите.

    „За жал, сè уште немаме информација од УЈП кога ќе ги постават новите коренски сертификати и после сите наши напори. За да може непречено да го користите вашиот сертификат, Ве молиме доставете го токенот да го реиздадеме бесплатно вашиот сертификат со старите коренски сертификати за да може да поднесете пријава на Е-ПДД. Тоа е сè што може да направиме во овој момент додека не го решат проблемот во УЈП“, велат од КИБС.

    Неусогласувањето на УЈП со новите сертификати на КИБС им создава големи проблеми и на сметководствените бироа, кои за своите клиенти не можат да направат пресметки за хонорари и други плаќања на кои се плаќа персонален данок на доход.

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира